Не запираат притисоците врз владата да го поништи законското решение со кое недела е неработен ден. Пред да биде донесен законот, лавина од реакции имаше од стопанствениците дека нивните бизниси ќе претрпат големи штети во случај во недела да не работат. Од кога законот се донесе, газдите дури ја убедуваа јавноста дека не тие, туку работниците бараат законот да се укине за да може да одат на работа и да земат повисока дневница. Синдикатите, по чие барање беше донесен овој закон не дозволија поплаките на бизнисмените да ги премислат газдите. Сега имаме нова ситуација, локалните власти инсистираат недела неработен ден да не важи во туристичките центри. А властите дури подготвуваат и законски измени. Експертите сметаат дека со новите измени законот би ја изгубил смислата.
Тоа што најмногу разочарува во целата оваа ситуација е што повторно политиката ќе биде виновна што на нејзина сметка најмногу ќе изгуби работникот. Министерот за економија Крешник Бектеши веќе објави дека до Собранието доставил предлог на измени за Законот за трговија, кои треба да овозможат во недела трговците на мало во туристичките места без проблем да работат во неделите. Ресорниот министер посочи дека работниците кои ќе работат во недела ќе добијат за 100 отсто повисока дневница од онаа која редовно ја заработуваат. Според информациите на Денар, сега измените чекаат зелено светло во законодавниот дом каде предлозите се разгледуваат.
„Со овие измени се дава можност на сите туристички места што се пропишани со Закон за туристичка дејност, продавниците и дуќаните во кои се врши трговија на мало да можат да работат и во деновите кои се третираат за неработен ден и државни празници во текот на целата година“, велат од министерството за економија
Според информациите, ваквите измени на закононите се по барање на партискиот колега на Бектеши од ДУИ, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко кој инсистирал недела неработен ден да не важи во градот со кој тој раководи. Но информациите до кои дојде Денар се дека во предлогот стои дека во недела ќе може да работат сите дуќани кои се занимаваат со трговија на мало, а се наоѓаат во туристички места согласно Законот за туристичка дејност. И не само во неделите, право да бидат отворени и да остваруваат промет ќе имаат и за време на државните празници.
“Туристичко место претставува подрачје или дестинација кое како организациона и функционална туристичка целина располага со природни, културни, историски и други знаменитости од значење за туризмот, комунална, сообраќајна и туристичка инфраструктура, како и објекти и други содржини за сместување и престој на туристите“, стои во Законот за туристичка дејност.
Ова значи дека не само градовите кои се до езерата или близу планинските места кои привлекуваат туристи, туку правилото за недела неработен ден нема да важи и за централнотио градско подрачје на Скопје, чаршијата во Битола, плоштадот во Тетово и ред други места во Македонија каде редовно има туристи.
Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски за Денар вели дека oвој закон беше проблематичен уште при самото носење. Новите барања и предлози од страна на работодавачите односно сопствениците на дуќани во туристичките места вели, се само одраз на неприменливоста на законот во пракса. Измената на првичното решение, со која беа предвидени дури 43 исклучоци плус сегашниот предлог за изменување на законот го прави самиот концепт „Недела неработен ден “ бесмислен, заклучува професорот.
„Концептот на недела неработен ден е во интерес на работниците и е во согласност со европските вредности за балансирање на приватниот и професионалниот живот на работникот, што е во согласност со европското законодавство кое ја регулира истава проблематика. Јас секогаш го имам предвид македонскиот менталитет, односно македонските потреби и секогаш поддржувам да се донесуваат решенија по македонска мера, но во однос на недела неработен ден сметам дека е прашање на време кога нашиот менталитет ќе се приспособи на европските правила, зашто како земја имаме стратешка определба членство во ЕУ. Според мене сето ова укажува на тоа дека полека, но сигурно се враќаме на првичното претходно решение.“
Од ССМ пак стаса остра реакција во која се вели дека, со измената на Законот за трговија и Законот за работни односи, ССМ и другите социјални партнери по пат на социјален дијалог обезбедија најголем број од работниците, вклучително и на работниците во трговијата да бидат слободни и да не работат во недела, а газдите да работат.
„Од ССМ посочуваат дека Министерството за економија веќе им овозможи на газдите сами да работат во недела во туристичките места и во трговијата на мало и треба да биде потсетено дека водејќи грижа за работниците и нивните семејства и нивното неприкосновено право на заштита на човековото достоинство и семејни врености , водени од тоа дека работниците и граѓаните може и треба во својство на туристи да ги посетуваат нашите туристички места и да уживаат во нивните убавини.“
Актуелното законоско решение вели дека во недела право да работат имаат оние индустрии во кои не е можен прекин на производствниот процес. Вработените во тие дејности треба да добиваат за 50 отсто повисока дневница доколку се ангажирани во неделите. Вработените пак во моловите и трговските центри доколку се на работа добиваат за 100 отсто повисока дневница во неделите. Инспекторите засега редовно вршат контроли, и ретки се оние несовесни газди кои се обидуваат да го заобиколат законот со несоодвено плаќање на дневницата на своите вработени.
И.П