6 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Каматните стапки на ЕЦБ се на добро ниво

Лагард: Каматните стапки на ЕЦБ се на добро ниво

Сегашниот став на Европската централна банка (ЕЦБ) во врска со каматните стапки е соодветен и финансиската институција е целосно посветена на својата цел за инфлација од 2%. Ова го изјави претседателката на монетарната власт Кристин Лагард во интервју за „ARD“.

„Нашата решителност, нашата посветеност, нашата должност е да ја одржиме ценовната стабилност – а ценовната стабилност е околу 2% инфлација. Го постигнавме ова, инфлацијата сега е на тоа ниво и ќе продолжиме во тој дух“, рече гувернерката.

„Ние сме посветени на оваа цел и ќе направиме сè што е потребно за да се осигураме дека ценовните притисоци ќе останат на тоа ниво. Во моментов има многу неизвесност околу нас, многу непредвидливост, но ќе бидеме сигурни и стабилни во однос на цените“, рече Лагард.

Од јуни 2024-та година, ЕЦБ ги намали трошоците за позајмување осум пати од тогаш и се очекува да ги задржи на тоа ниво на својот состанок подоцна овој месец. Со оглед на тоа што инфлацијата сега е во рамките на целта, економистите предвидуваат уште едно намалување на каматните стапки оваа година, веројатно на есен.

Осврнувајќи се на можноста еврото да го замени доларот како главна резервна валута во светот, Кристин Лагард го истакна „неверојатниот потенцијал овде, дома, во Европа“.

Таа ги повика финансиерите да ги засилат своите напори за стимулирање на економијата.

„Вредноста на еврото, на пример, многу ќе зависи од силата на нашата економија и ние треба да ја направиме нашата економија посилна“, рече претседателката на ЕЦБ.

Некои високи претставници на Европската централна банка се сè повеќе загрижени за влијанието на посилното евро по неговиот нагли пораст во однос на американскиот долар оваа година.

Еврото порасна за речиси 14% во однос на доларот оваа година, поттикнато од неодамнешниот лет кон европските средства во услови на зголемена неизвесност околу политиката на САД. Но, ЕЦБ можеби ќе треба да сигнализира дека премногу зајакнување може да биде проблем, бидејќи би можело да ја одржи инфлацијата под целта, вели висок европски централен банкар.

Загриженоста е дека посилното евро би можело да го намали растот на цените и да го направи увозот поевтин, но исто така би можело да го направи извозот поскап и да влијае негативно врз целокупната економска активност. Во комбинација со знаците за слаб раст во еврозоната и потенцијалните предизвици од американските царини, проблемите се усложнуваат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар