29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААко догодина административците не добијат К-15, државата двојно ќе плати по судски...

Ако догодина административците не добијат К-15, државата двојно ќе плати по судски пат!

Синдикалците гневни по изјавата на министерот за финансии Фатмир Бесими дека догодина административците нема да добијат регрес за годишен одмор. Иако Колективниот договор им гарантира на вработените под државна капа исплата на К-15, министерот Бесими соопшти дека за оваа поволност на административците пари во касата за 2022 година нема. Сега синдикатите бараат да се најде начин како 25 илјади вработени да го добијат она што законски им следува.

Наместо подобрување на работничките права, политичарите во Македонија како да се натпреваруваат кој повеќе ќе ги изманипулира работниците. Не е важно дали се во приватен или јавен сектор, вработените во земјава мака мачат во остварување на своите права. Ова е ставот на претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија Благоја Ралповски, кој ги застапува вработените во државната администрација и јавниот сектор. Тој за Денар вели дека пред извесен период како синдикат испратиле писмо до сите пратеници во Собранието во кое што побарале да бидат предвидени сите средства за плати и додатоци на плата за вработените во јавниот сектор. Но сега, по изјавата на министерот за финансии Фатмир Бесими дека не се предвидени пари за К-15 за догодина за административците синдикалецот смета дека власта прави манипулација со дефокус на работниците за право кое е веќе стекнато.

„Ваквите изјави на министерот за финансии Фатмир Бесими повторно наведуваат на манипулации на работниците во врска со нивните права. Веќе е здодевно да разговараме за право на регрес на работниците, дали во приватниот сектор, дали во дел од јавниот сектор кои што го имаат тоа право, кога тоа е пропишано со Колективен договор. Едноставно ваквите изјави на министерот дека во следната година нема предвидено К-15 за работниците во јавниот сектор, на оние кои и следува е само лош пример што го дава на дел на работниците во реалниот сектор дека можат да манипулираат со работниците“, вели Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати  

А револтирани се и во синдикатот на УПОЗ, кој ги застапува вработените во правосудните органи, управата и организациите. Новоизбраниот претседател на овој синдикат Трпе Дејаноски за Денар вели дека и покрај тоа што актуелниот Колективен договор важи до февруари 2022 година, тој важи се додека не се донесе нов. Се во спротивно е прекршување на работничките права, вели Дејаноски. Синдикалецот испрати апел до политичарите, со ребаланс на буџетот или преку друг механизам да се најде начин за догодина да се обезбедат пари за регрес на 25 илјади вработени на кои законски им следува исплата на таканаречениот К-15.

„Исплата на регрес за годишен одмор за 25 илјади административци ја чини државата четири милиони евра, исто толку колку што си дадоа пратениците лани од буџетот на политичките партии. Ние како синдикат мораме да се грижиме за правата на нашите членови, и ние со макотрпни преговори успеавме да обезбедиме регрес за годишен одмор за државната управа и органите и сега ннема да се откажеме туку така од ова. Апелираме дека сите вработени во јавен и во приватен сектор дека треба да добиваат регрес за годишен одмор.“

Ваквиот револт на синдикалците и самите вработени во јавниот сектор и администрацијата вчера беше предизвикан по изјавата на министерот за финании Фатмир Битиќи кој неочекувано соопшти дека за 2022 година во предлог буџетот не се предвидени пари за регрес за годишен одмор.

„Нема средства за К-15, односно нема дополнително предвидено во буџетот од тоа што сега сме го имале во буџетот. Значи нема да има К-15 за јавниот сектор“, изјави министерот Бесими.

Последниот Колективен  договор е потпишан во 2019 година од страна на екс министерот за Информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Според тој документ загарантирана е исплата на регрес за годишен одмор на административците во висина од девет илјади денари. За оваа година административците веќе ги добија парите за К-15. Но за 2020 година членовите на УПОЗ не добија регрес и по судски пат сега си ги бараат парите. Пресуди веќе има во полза на вработените и тоа сега државата ќе ја чини многу повеќе од колку да си го почитувала законот. КСС во претходниве неколку години направи неколку протести во Скопје и во останати поголеми градови низ Македонија, на кои се бараше промена на Законот за минимална плата за сите работници, и во јавен и приватен сектор, но и право на К-15 на сите работници во јавен и приватен сектор. А претходниов викенд и ССМ каде што член е УПОЗ организираше предупредувачки протест каде неколку илјади граѓани протестираа во главниот град барајќи итно носење на измените на Законот за работни односи со кои се предвидени недела да биде неработен ден за сите работници и раст на минисмалната плата, како и останати мерки кои ќе влијаат врз подобрувањето на правата на македонскиот работник. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП