3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖените во пандемијава повеќе чистат и готват, а мажите почесто пазарат и...

Жените во пандемијава повеќе чистат и готват, а мажите почесто пазарат и играат со децата!

Во текот на пандемијата граѓаните ги промениле секојдневните навики и повеќе се посветиле на домот и семејството. Истражувањето на Обединетите нации покажува дека во Македонија се зголемило времето на мажите и жените кое го поминуваат во чистење на домот, купување намирници, готвење, и дружење со сопствените деца. Сепак податоците нотираат и голема застапеност на родови разлики во времето поминато во извршувањето на домашните работи помеѓу сопружниците.

Податоците на истражувањето на Обединетите нации покажува дека во текот на пандемијата на жените се зголемило времето поминато во извршување на домашните активности и грижата за децата. А  мажите пак повеќе време поминуваат во купување и набавка на намирници во однос на периодот пред здравствената криза. Дека е забележана нееднаква поделба на одговорностите во домот говорат податоците од анализата која покажува дека 30 отсто од мажите воопшто не готват, а 15 отсто од мажите вообичаено не се занимаваат со активности поврзани со управување на домаќинството, 14 проценти не се ни обидуваат да помогнат во чистењето и одржувањето на хигиената во сопствениот дом.

„Доколку се анализираат подетално родовите нееднаквости во поглед на времето потребно за извршувањето на домашните активности како готвење, перење, чистење, управување со домаќинството и сл, наодите укажуваат дека постои пораст речиси кај сите активности и кај жените и кај мажите. Но, зголемувањето е поголемо кај жените, а разликата се зголемува со порастот на бројот на домашните активности. Имено, кога станува збор за пораст на времето за извршување на една домашна активност со почетокот на пандемијата, разликата кај жените и мажите е помала, односно 53 проценти кај жените и 50 проценти кај мажите изјавиле дека бележат пораст во времето потребно за извршување на барем една  домашна активност. Но, кога бројот на домашни активности се зголемува на барем три или барем четири домашни активности, разликата меѓу жените и мажите станува позначајна и јасно изразена, каде жените речиси двојно повеќе споредено со мажите посочуваат зголемување на времето во извршување на барем три или четири домашни активности. Овој наод упатува на заклучокот дека со почетокот на пандемијата жените споредено со мажите извршуваат поголем обем и поголем број од домашните работни активности во домот“, стои во истражувањето на Обединетите нации.

Испитаниците во урбаните средини сметаат дека со почетокот на кризата им се зголемил бројот на часови поминати во готвење, чистење и управување со домаќинството, грижа и едукација на децата, додека кај испитаниците од руралните средини поголем е порастот кај времето поминато во активности како што се носење вода и огревно дрво и помагање и грижа за стари, болни, возрасни лица или и лица со попреченост. Овие наоди ја рефлектираат состојбата со разликите кои постојат меѓу урбаните и руралните средини во пристапот до социјална инфраструктура. Имено, во урбаните средини има поголем пристап до институции за грижа како што се градинки, специјализирани центри и домови за грижа на возрасни лица и лица со попреченост, има подобра патна инфраструктура и јавен транспорт, како и поголеми можности за ангажирање на платени работнички кои извршуваат различни домашни активности како и грижа за децата. Ограничениот пристап до градинки во руралните средини ги принудува фамилиите со деца да се потпираат повеќе на помошта и поддршката од членовите на семејството и пошироката фамилија, роднини и пријатели. Со почетокот на пандемијата и примената на мерките за изолација, затворените институции за грижа како и губење на можностите за ангажирање на платени домашни работнички влијае повеќе кај граѓаните од урбаните средини и се одразува на регистрирано зголемување на часовите поминати во активностите за грижа и домашните работи.

Наодите покажуваат дека седум отсто од жените споредено со три отсто од мажите сметаат дека се оставени сами на себе и нема никој кој би можел да им помогне во домашните работи и грижата за семејството. Мажите пак, во повисок процент споредено со жените, посочуваат дека помошта од нивните партнерки се зголемила со почетокот на пандемијата, како и помошта од другите членови на семејството. Како и кај жените, со почетокот на пандемијата повеќе е нагласено зголемувањето на помошта од синовите.

„Повеќе вдовци или разведени мажи односно 31 процент споредено со вдовици или разведени жени односно 29 проценти за ова истражување пријавиле зголемување на помошта од други членови од семејството во однос на домашната работа и грижата за децата. Повеќе мажи во брак или во партнерска заедница односно 78 проценти, споредено со жени во брак или партнерска заедница односно 68 проценти изјавиле дека помошта од партнерката или партнерот пораснала за време на пандемијата. Дополнително, порастот на помошта од партнерот или партнерката е поголема и за жените односно 58 проценти и за мажите односно 73 проценти во домаќинства со деца, споредено со домаќинства без деца. Овие наоди покажуваат дека од своите партнерки или партнери мажите добиле повеќе помош од жените кога се во брак или партнерска заедница. Кога пак се вдовци или не се во брак или партнерство, тогаш мажите повторно добиле повеќе помош од други членови на семејството. Постојат мали родови разлики во поддршката која ја добиваат жените и мажите во домаќинства без деца. Во овие домаќинства за разлика од домаќинствата со деца, повеќе жени односно 38 проценти споредено со мажи односно 36 проценти пријавиле пораст на поддршката од нивните партнери“, стои во истражувањето на Обединетите нации.

Наодите од анкетата посочуваат дека најголем дел од граѓаните или 92 проценти не почувствувале пораст на каква било форма на дискриминација, предрасуди или расизам во земјата и околината во која живеат со почетокот на кризата. Иако разликата е незначителна, сепак жените во поглема мера споредено со мажите сметаат дека има пораст на дискриминацијата, предрасудите или расизмот во средината во која живеат. Наодите од анкетата покажуваат дека 3 проценти од испитаниците доживеале или слушнале за некој кој доживеал семејно насилство со почетокот на пандемијата. Иако наодите укажуваат дека не постојат значајни родови разлики во поглед на обемот на работа и губењето на работните места на жените и мажите како резултат на КОВИД-19, сепак, губењето на работните места варира помеѓу возрасните групи и е највисоко меѓу жените на возраст 45-54 години и кај помладите мажи на возраст 18-34 години. Наодите покажуваат дека кризната мерка донесена од Владата која дава можност еден од вработените родители да остане дома заради грижа на децата до 10 годишна возраст била искористена исклучиво од вработени жени, кои живеат во урбана средина, кои се во брак или во партнерска заедница или се самохрани мајки, со очекувано најголема искористеност во возрасната група 18-44 години. Наодите покажуваат дека повеќе жени споредено со мажи ја смениле локацијата на работа и продолжиле со работа од дома. Флексибилноста и адаптацијата на работните обврски како резултат на кризата долгорочно може да има позитивни ефекти на балансот на работата и приватниот живот доколку ваквите аранжмани се задржат и унапредат и во пост-кризниот период.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП