20 април, 2024
ПочетнаКОРОНАДали вакцината штити од „постковид синдром“?

Дали вакцината штити од „постковид синдром“?

Достапните вакцини сигурно штитат од тешки болести. Сепак, дали тие го спречуваат бавното повлекување на симптомите познати како „постковид синдром“. Првичните истражувања покажуваат дека заштитата е веројатно само делумна.

Постојан замор, главоболка, отежнато дишење и концентрација, списокот на симптоми на „постковид синдром“ е долг. Лекарите констатираат постоење на „долготраен ковид“ доколку пациентот и по четири недели од прележаниот ковид има такви симптоми. По 12 недели дијагнозата е „постковид синдром“.

Тоа е една од најголемите непознати на пандемијата. Се проценува дека меѓу десет и петнаесет проценти од заразените со коронавирус се погодени. Ризикот е поголем кај жените и постарите лица. Научниците сè уште не можат да кажат која е причината. Не го знаат одговорот ниту на прашањето дали вакцината може да ја спречи појавата на овој синдром кај луѓето кои се разболеле и покрај вакцинацијата.

Ризикот е преполовен

Првото научно истражување се обиде да даде одговор на ова прашање. Најголемото од нив го спроведоа научниците од Кралскиот колеџ во Лондон. За студијата „Zoe-COVID“ беа собрани податоци од 1,2 милиони сопственици на паметни телефони.

Во една апликација, учесниците внесувале податоци за тоа дали биле вакцинирани, кога, дали се заразиле и колку долго имале симптоми. Резултатот е јасен. Вакцинираните лица станаа значително помалку инфицирани и имаа помалку изразени симптоми од невакцинираните учесници. Доколку се појават некои симптоми, тие побрзо би престанале, а кај оние кои добиле „постковид синдром“ има 50 отсто помалку вакцинирани отколку невакцинирани.

Можна причина е способноста на имунолошкиот систем кај вакцинираните лица да го спречи формирањето на таканаречените резервоари на вирусот, што научниците го сметаат за можна причина за долгорочно задржување на симптомите. „Со помош на создадените антитела и т-клетки, имунолошкиот систем успеа да го запре вирусот при првата репродукција, пред тој да формира скриени резервоари во телото“, коментира Амуко Кавасаки, специјалистка по имунологија од Јеил.

Истражувачки слабости

Така, според резултатите од едно лондонско истражување, вакцинацијата за половина го намалува ризикот од „посковид синдром“. Видливи се и слабостите во истражувањето – учесниците самите ги внесувале податоците во апликациите, а податоците не ги проверувал нивниот лекар. Дополнително, во истражувањето недоволно се застапени постарите луѓе кои често немаат паметен телефон, или не се вешти во примената на апликацијата. Конечно, полот и географската распространетост на апликацијата не е рамномерна. Во областите со пониски приходи има повеќе жени и помалку луѓе

Друга студија, спроведена од научници од Оксфорд, опфати 10.000 луѓе кои се заразиле и покрај вакцинацијата. Тие ги споредија податоците со податоците на оние лица кои се заразиле, а не биле вакцинирани.

Учесниците во првата група имале помалку сериозни симптоми, како што се отежнато дишење, и помала е веројатноста да бидат хоспитализирани. Но, бројот на случаи на „посткоид синдром“ бил ист во двете групи.

И ова истражување има свои слабости. Истражувачката база на податоци е за случаи регистрирани кај лекари и болници. Луѓето со поблаги симптоми кои не отишле на лекар не биле вклучени во студијата. Ова може да доведе до погрешни бројки. Истражувањето сè уште не е прегледано и објавено во научно списание.

Делта сој не е вклучен

И двете студии имаат една заедничка слабост. И двете се засноваат на податоци од Велика Британија од првата половина на 2021 година. А дури од летото доминантен е позаразниот вид делта во Британија, како и во многу други земји. Можно е овој вид да предизвика „постковид синдром“ кај поголем број вакцинирани лица. „Претпоставуваме дека заразените со делта сојот ослободуваат голем број заразни честички со дишење. Кога луѓето ќе се заразат, тие имаат поголем почетен број на вируси. Таа почетна количина на вирус може да му даде предност врз основа на која може да формира резервоар“, рече Акико Кавасаки.

Што е со луѓето кои прележале од оваа болест пред вакцинацијата и страдаат од „постковид синдром“? Има индикации дека вакцинацијата им помага. Според податоците на британската канцеларија за национална статистика, првата доза од вакцината ги намалува симптомите за 13 отсто, а втората за дополнителни девет отсто. Останува нејасно дали симптомите на луѓето кои страдаат од овој синдром се трајно ублажени или дури и излечени.

Потребни се дополнителни истражувања

Сепак, првото истражување донесе драгоцено знаење за врската помеѓу вакцинацијата и „постковид синдром“. Сепак, има многу прашања на кои сè уште не е конечно одговорено: дали вакцинацијата го намалува ризикот од добивање „постковид синдром“ по прележан Ковид? Ако одговорот е да, тогаш прашањето е до кој степен е намален овој ризик? Дали ова важи и за децата и за младите?

За да се одговори на овие прашања, потребни се дополнителни истражувања. За среќа, се повеќе и повеќе податоци се достапни за истражувачите, бидејќи бројот на вакцинирани луѓе ширум светот расте секој ден.

Во моментов се водат истражувања, како што е проектот Recover, во кој учествуваат десетици илјади луѓе, кој научниците го следат долго време по инфекцијата.

Научниците веќе знаат дека најдобриот начин да се избегне „постковид синдром“ е да се избегне инфекција со коронавирус. А за тоа секако најдобра е целосната вакцинална заштита.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП