20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПандемијата дополнителен товар за сиромашните, 70 илјади лица во Македонија имаат по...

Пандемијата дополнителен товар за сиромашните, 70 илјади лица во Македонија имаат по само три оброка неделно!

Денешниот ден 17 октомври во светски рамки е познат како ден за глобално делување во борбата против сиромаштијата. Борците против сиромаштијата во Македонија сметаат дека оваа година која ќе се памети по пандемијата направи дополителни проблеми кај категориите граѓани кои месецот го поминуваат со минимални финансиски средства. Помошта од државата велат дека секако била добродојдена за нив, но ни приближно не може да се каже дека со добиените пари успеале да обезбедат подобри услови за достоинствен живот. Последните официјални податоци се дека во земјава речиси 22 отсто од граѓаните живеат во сиромаштија.

Од Македонската платформа против сиромаштијата за Денар велат дека голем број на проекти за намалување на сиромаштијата биле во план да се реализираат во текот на оваа година. Но пандемијата спречи поголем дел од нив да започнат да се спроведуваат на терен. Билјана Дуковска од оваа организација смета дека за најранливите категории граѓани беа направени исклучоци и тие експресно добиваа право да станат дел од системот на социјална поддршка, но исто така се покажа и дека системите ни се спори и троми кога станува збор за итни интервенции, па оние кои беа во најголема потреба останаа да чекаат по неколку месеци да им бидат направени исплати на добиените права. Според неа, платежните картички беа добредојдени за семејните буџети, но сепак останува да лебдат пропустите кои се направени при нивното доделување, нецелосниот опфат на сите оние кои имаат потреба од нив и несоодветната процедура за нивно подигнување.

„Лани, на овој датум организиравме работни групи кои даваа препораки што треба да се има во предвид при имплементацијата, на тогаш новиот Закон за социјална заштита. Фокусот беше на опфатот на корисници на гарантирана минимална помош, социјалните и здравствени сервиси и намалување на невработеноста преку активација на најранливите. Верувавме дека ќе има резултати, но бевме свесни дека е потребно време да заживее реформата. За жал, пандемијата не дозволи работите да имаат природен тек и оваа година Интернационалниот ден за искоренување на сиромаштијата го дочекуваме подлабоко навлезени во сиромаштија, со поголема потреба за воспоставување на сервиси и нови социјални ризици. Морам да истакнам дека пандемијата го покажа она кое со години наназад го повторувавме, дека намалувањето на сиромаштијата е политичка одлука, во моментот кога во сетовите на социјални мерки не ги задржа ригидните критериуми за пристап до мрежите за минимален приход“, вели за Денар Билјана Дуковска од МППС.

Една од граѓанските организации, Банката за храна Македонија, која неуморно помага на сиромашните граѓани во земјава има посебно мото во своето функционирање а тоа е : „Најголемата форма на сиромаштија е гладта“. Нивните податоци покажуваат загрижувачки резултати, во Македонија има над 70.000 луѓе кои имаат 2 – 3 оброка неделно, а над 60 отсто од нив се деца. Од друга страна нивните истражувања покажуваат дека  во нашата држава на месечно ниво се фрла храна во вредност не помала од 4 милиони евра, а тоа е количина на храна која би ги задоволила минималните потреби на околу 15.000 семејства со најосновните потребни прехранбени производи. Душко Христов од Банката за храна за Денар вели дека тоа е тој феномен на скриена глад – сиромаштија, кој за нас обичните граѓани па и институциите не е на видно поле или во периметар на општесвениот јавен радар на посматрање и согледување на ситуацијата.

„Токму на овој ден во годините наназад сме организирале бројни акции пред маркети и на јавни места кога сме собирале и по три-четири тони храна за два дена. Ние одлучивме дека во овие неколку денови значајни за битката со загубите и отпадот од храна, славењето на храната како “гориво“ за живот на секој од нас, и секако денот Д, 17ти октомври посветен за искоренување на сиромаштијата да не собираме и делиме храна или било каква помош, но тоа да го правиме во останатите 360 и неколку денови. Денес и сега тоа е лудо да се размислува, да се застане пред маркетите или на други места и да се бараат донации од граѓаните кога сме сведоци на се поголемиот број граѓани кои ги изгубија своите работни места, кога стандардот на граѓаните е во постојан и тоа голем пад, и уште ние да застанеме и да бараме храна и хигиенски средства.

Податоците од терен на борците против сиромаштијата велат дека околу 25.000 семејства со над 80.000 членови едвај врзуваат крај со крај. Препораките на граѓанските организации години наназад се дека потребна е помош за фамилиите во социјален ризик. Пред пандемијата бројот на семејства кои барале помош од граѓанските организации не надминувал 300 на месечно ниво каде требало да се помогне на околу 1200 лица, денес бројот е над 1000 домаќинства со околу 3 500 членови. Од почетокот на март 2020 до ден денешен Банката за храна собрала  и поделила над 160 тони храна, помош стасала до над 4500 семејства или над 13000 граѓани во Македонија.

Што се однесува до темата околу која светот се обединува на 17 октомври ,,Заедничко дејствување за постигнување на еколошка и социјална правда“ граѓанските активисти сметаат дека во земјава оваа проблематика како да останува на маргините и сеуште е приоритет да се преживее, без многу грижа за животната средина и без одговорност за однесувањето. Ваквото однесување според нив само ги засилува нееднаквостите, дополнително ги отежнува условите за живот на најранливите и директно ги носи во ризик од сиромаштија. Како една од нерешливите загатки на оваа проблематика е транс-генерациската сиромаштија која е еден од најдолгорочните проблеми на македонското општество. Невладиниот сектор смета дека потребно е на тие семејства да им се овозможи поголема активација на пазарот на труд. Луѓето кои сиромаштијата ја пренесуваат од  „колено на колено“ не треба повеќе да се гледаат како бројки и статистика, туку како луѓе на кои треба да им се помогне.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП