24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРизик од земјотрес – дали е сигурен вашиот дом?

Ризик од земјотрес – дали е сигурен вашиот дом?

Македонците немаат навика да ги осигуруваат своите куќи и станови од природни катастрофи – само еден од 600 домови е осигурен од земјотрес, а еден од 400 е осигурен од поплава. Околу 5% од домаќинствата имаат полиси за осигурување, но само основни пакети кои не вклучуваат вакви ризици.

„Интересот е навистина мал. Граѓаните најчесто ги осигуруваат домовите кога се под хипотека зашто тоа го бара банката од нив. Малкумина се самите совесни за катастрофалните последици што може да ги претрпат доколку останат без дом или претрпат сериозни штети од земјотрес или од поплава. По катастрофата што се случи во Албанија очекуваме зголемен интерес, така е секогаш, така беше и пред неколку години кога Македонија беше погодена од серија послаби потреси“, велат во една од осигурителните компании кои нудат полиси кои покриваат и ризик од земјотрес.

Полисите на домовите треба да се обновуваат секоја година и зависат пред се од самата градба на објектот како и од неговата местоположба.

Подрачјето на Македонија е поделено на 3 трусни зони: прва – Прилеп; втора –  Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод, Крушево, Демир Хисар, Битола, Велес; трета – Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Куманово, Скопје, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Кочани, Свети Николе, Делчево, Виница, Штип, Радовиш, Берово, Неготино, Кавадарци, Струмица, Валандово.

Дополнително, цената зависи и од годината кога е објектот изграден, т.е. за објекти изградени до 1964 година цените се повисоки отколку за објектите изградени по 1964 година. Влијание на цената има и типот на градбата на зградата – дали е со армиран бетон, ѕидана или дрвена конструкција.

„За стан од 60 квадратни метри во централно градско подрачје со вклучен ризик од земјотрес и поплава цената на годишна полиса се движи од 1.000 до 3.500 денари“, објаснуваат во осигурителната компанија.

Освен мала побарувачка, за осигурување од катастрофи има и мала понуда. Само неколку компании нудат полиси кои вклучуваат големи природни непогоди како поплави и земјотреси.

Според анализите на Светска Банка анализи при евентуален катастрофален земјотрес во Македонија последиците би надминале 40% од Брутодомашниот производ или речиси 4 милијарди евра. Само домаќинствата би имале вкупни штети од најмалку 1 милијарда.

Иако интересот за полиси кои покриваат катастрофи и натаму е релативно мал, осигурителниот пазар во Македонија оди во нагорна линија.

Минатата година остварена е бруто полисирана премија во вкупен износ од 9,9 милијарди денари, или просечен годишен раст од 5.5%.

Последните податоци, заклучно со вториот квартал на 2019 година покажуваат дека на пазарот на осигурување активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека пет осигурување на живот. Исто така, делуваат 36 осигурително – брокерски друштва, 11 друштва за застапување во осигурување и шест деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП