20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечна плата: македонскиот работник близу до европското дно

Просечна плата: македонскиот работник близу до европското дно

Македонскиот работник е близу европското дно според висината на платата, но и според продуктивноста. Бизнисмените велат дека двата сегмента одат рака под рака односно дека за стабилен економски развој растот на примањата мора да биде следен и со раст на продуктивноста што кај нас не е случај.

Македонија на дното во Европа според платите

Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата. Со нето приход 25.784 денари односно 419 евра зад нас се само неколку држави.

Споредбената анализа на официјалните податоци на државните статистики покажува дека најниска плата имаат жителите на Украина, 310 евра. Нешто подобро стојат Албанија со 347, Молдавија со 364, Белорусија со 406. Следи Македонија со 419. Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 443 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат по 463, во Црна Гора 513, во Хрватска 844 и во Словенија 1.092 евра месечно. Овие податоци се однесуваат на декември 2018-та година.

70% од работниците имаат плата под просекот

Просечната плата е меѓу најниските во регионот и дефинитивно во Европа, но дури и таа не е достижна за најголем дел од работниците.

Пресметките на Сојузот на синдикати (ССМ) покажуваат дека дури 70% од вработените имаат пониски примања од просечните.

„Бројот на работници со или над просечна плата според нашите пресметки е 30%. Ова го базираме на официјалните податоци од државната статистика“ вели Пеце Ристески од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). „Дури и 90% од работниците со високо образование се под просекот, па можете да замислите какви примања имаат во преработувачката индустрија, во трговијата или во земјоделството“ додава Ристески.

И истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажува дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Ова го потврдува и најновата публикација на Државната статистика „Жените и мажите во Северна Македонија“. Во неа стои дека само 3.1% од работниците имаат плата над 40 илјади денари. 4.9% меѓу 30 и 40 илјади, 9.1% меѓу 25 и 30 илјади.

Просекот порасна поради поголемиот минималец

Просечната плата во декември лани достигнала 25.784 денари. За една година се зголемила за 8.1%. Ова пред се се должи на зголемениот минималец кој од септември беше покачен на 12 илјади денари.

„Тоа што има процентуално поместување во платата е резултат на големото покачување на минималецот“ вели Пеце Ристески од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). „Тука нема ништо спорно. Ни би сакале и повторно да се случи тоа, но главната забелешка е што платите не одат континуирано нагоре – се покачија само најдолните, не и погорните“ објаснува тој.

На ова укажуваат и бизнисмените – велат дека поголемиот минималец значи поголеми трошоци па не остануваат доволно пари за подобро да ги платат подобрите работници. Ова особено ќе важи доколку се остварат најавите за дополнителен раст на минималната плата годинава.

„Ова придонесе до урамниловка, приближување на платите, намалување на стимулот или потребата некој да се докажува и покажува на работа“ вели Маријана Перковска, Кластер за текстил. „Зголемувањето на минималната плата придонесува за намалување на продуктивноста со која и онака не можеме да се пофалиме. Ова е наметнување, на некој начин ова е директива. Ние добиваме директива за извршување, тоа ќе резултира со уште еден чекор до поголема урамниловка. Ние пазарите ги губиме, ние немаме доволна продуктивност“ објаснува Перковска.

Со ова се согласуваат и во Конфедерацијата на работодавачи – оттаму велат дека за вистински да растат платите мора да расте и продуктивноста.

„Идејата на Владата од канцеларија, административно да предлага покачување на минималната плата е несериозна“ вели Миле Бошков, Конфедерација на работодавачи. “Кога станува збор за покачување на минималната плата и животниот стандард не значи дека само со минималната плата треба да се зголемува животниот стандард. Мора да има влијание, ќе има влијание и врз потрошувачката и врз стандардот и врз економијата, но тоа мора да биде во рамките на она што може бизнисот да го издржи низ понудена и олеснета бизнис клима“ вели Бошков.

Македонија на европското дно според продуктивноста

Платите се одраз и на продуктивноста – Македонија е на европското дно и во овој сегмент. Земјава е на речиси исто ниво е и Бугарија додека најдобро се рангирани Луксембург и Норвешка.

Според последните официјални податоци на Евростат кои се однесуваат на 2017-та година еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Во податоците ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

Лани, по подолго време, беше измерен раст на продуктивноста. Таа пораснала за 0.6% во првиот и за 0.7% во вториот квартал од 2018-та година во однос на соодветните периоди од 2017-та.

„Секторски гледано, ова во најголема мера се објаснува со растот на продуктивноста во услужниот сектор и индустријата, но и со значителното забавување на падот на продуктивноста во секторот ‘земјоделство’“ се наведува во извештајот од Народната Банка.

Во текот на 2017-та имаше постојан пад на продуктивноста која во текот на годината падна за дури 2.1%.

Народната Банка продуктивноста ја пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП