26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнтернет трговија - секој четврти Македонец купува online

Интернет трговија – секој четврти Македонец купува online

Интернет трговијата е во постојан подем, Македонците се почесто се одлучуваат да пазарат online, има континуиран раст и на бројот на продавници и на бројот на трансакции. Државата го поттикнува ширењето на бизнисите на светската мрежа, процедурите се едноставни…

Навиките се менуваат – трговците се задоволни

Навиките се менуваат, го нема веќе стравот дека може да ви ги украдат личните податоци или парите од картичките доколку пазарите online. Домашните интернет трговци велат дека последните 5 – 6 години имаат постојан раст на продажбата.

„Јас сум задоволен, кога почнував се случуваше да има и по неколку денови без ниту една нарачка, а сега прометот е и повеќе од солиден. Имаме и редовни муштерии кои купуваат нешто речиси секоја недела“ вели сопственик на интернет продавница која првенствено нуди накит и рачни уникатни изработки.

Слично е искуството и на сопственичка на цвеќарница која пред две години решила да го прошири бизнисот и на интернет. Вели дека сега 20% од прометот и е online.

„Ние нудиме мали подароци и цветни аранжмани со достава истиот или најдоцна следниот ден на посакуваната адреса. Имаме доста муштерии кои најчесто купуваат подароци за некој друг“ објаснува таа.

Сепак и натаму најдобро работат сајтовите за групни попусти кои нудат производи и услуги намалени од 50% до 90%. Анализите што ги прават овие трговци покажуваат дека тие се најпопуларни кај луѓето на возраст од 20 до 35 години, но се почесто и повозрасните се одлучувале да купуваат електронски.

Како да се стане интернет трговец?

За да започне да врши електронска трговија, компанијата најпрво треба да се регистрира како трговско друштво во Централен регистар. Оние кои веќе се регистрирани и оперираат како offline трговци, а сакаат да го прошират начинот на продажба немаат потреба од повторна регистрација или дополнување на регистрацијата.

Законот за електронска трговија забранува одреден државен или друг орган да му бара посебна дозвола или одобрение на оној трговец кој сака да се занимава со интернет трговија.

За разлика од физичките продавници за кои согласно прописите потребно е исполнување на одредени минимални технички услови и стандарди на просторијата за да може трговецот преку неа да тргува, за поседување и оперирање со интернет продавница воопшто не се потребни физички простории. Исто така, интернет трговецот воопшто не треба да има сопствена offline продавница, туку може да работи исклучиво преку интернет продажба.

Донесување на јасни правила за приватност, испорака и враќање на парични средства како клучни аспекти при електронското тргување претставува законска обврска, но и барање од банките и меѓународните картични организации. Преку овие политики всушност се гарантира сигурноста на потрошувачите.

Како да се пазари безбедно на интернет?

Купувањето преку интернет е и ризично бидејќи производот не го гледате пред себе и не можете да го пробате. Оттука често се случува да се нарача едно, а да се добие сосема друго – поразличено, со поинаква боја, димензија или материјал.

Оние кои редовно купуваат online препорачуваат повеќе да се истражува, да се утврди реномето на продавачот, да се најдат рецензии од купувачи, да се видат слики од тоа како производите им стојат на вистински луѓе, а не само на моделите од продавницата.

Организацијата на потрошувачи неодамна изработи брошура со препораки за безбедно пазарење на интернет.

Во неа меѓу другото се вели дека треба да се користат различни и оригинални лозинки, да се почитуваат алатките за безбедност, да се биде претпазлив што се споделува на социјалните мрежи, да се избегнува отворање на прилози кон електронска пошта или необични линкови, да се осигурите дека вашите плаќања се безбедни,  редовно да вршите обновување на софтверот.

„Кога вршите плаќање онлајн, барајте веб адреси кои започнуваат со „https://“, не само „http“, буквата „S“ (на латиница) означува сигурност. Ова значи дека податоците се дешифрирани додека патуваат помеѓу веб – страницата и вашиот компјутер. Исто така, треба да има икона во форма на зелен катанец на левата или десната страна покрај името на веб адресата што укажува на тоа дека веб страницата е безбедна“ се наведува во брошурата.

Секој четврт Македонец пазари на интернет

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) околу 25% од Македонците барем еднаш купиле нешто online. На интернет најчесто се купува облека и спортска опрема, потоа електронска опрема, производи за домаќинство, хотелско и друго сместување .

Според ДЗС Македонците најмногу пазарат од продавници надвор од Европа и од Македонија.

Според публикацијата „МакСтат избор“ на ДЗС најголем дел од трансакциите на интернет, 43%, се во вредност од 50 до 99 евра. Потоа следат оние кои се помали од 50 евра, 33%, а 19% се помеѓу 100 и 499 евра. Не се регистрирани трансакции со поголема вредност од 1.000 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП