5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМоже ли Франкфурт да ја добие оваа битка?

Може ли Франкфурт да ја добие оваа битка?

Каков ќе биде претстојниот „Brexit“ – се уште не е јасно. Во секој случај, сепак Франкфурт се подготвува за излегувањето на Британците од ЕУ, а времето одигра во негова корист. Различни финансиски институции наскоро треба да донесат одлука каде ќе останат – во Лондон или во ЕУ. Шансите некои од нив да го преферираат Франкфурт воопшто не се лоши, пишува во својата анализа за „Deutsche Welle“, Бригите Шолтес.

Поточно градот на Мајна би освоил поволно за него решение на следниве три прашања: каде ќе се преселат евроклирингшките операции, европскиот банкарски надзор /ЕВА/ и многуте други странски банки.

„Евроклирингот е централно прашање“, вели Хубертус Фет од лоби здружението „Frankfurt Main Finance“ во кое се претставени германската покраина Хесен, градот Франкфурт на Мајна, многу банки, берзата во Франкфурт, истражувачки и различни компании од сферата на услугите. Дневено евроклирингшките куќи вршат трансакции за околу половина илјади милијарди евра. На овој начин банките се обезбедуваат против девизните флуктуации или промените на каматната стапка. Но и големите извозници исто се обезбедуваат против флуктуациите на финансиските пазари, дополнува Фет.

Во меѓувреме и политичарите гледаат големото значење на овој бизнис и сфаќаат колку е важно прашањето каде да биде преместен банкарскиот надзор на овие договори. Лондон се наметна пред Европскиот суд дека евроклирингот треба да биде преместен во ЕУ, но не задолжително во еврозоната. Станува збор пред се за правата за интервенција на надзорните власти. Според државниот парламентарен секретар од Министерството за финансии Михаел Мајстер, евроклирингот треба да се симне од Лондон. Затоа што, дури Британците да го признаат целосно европското право и Европскиот суд, прашањето за супервизија на овие договори нема да биде решен.

„Ризиците кои се јавуваат за континентална Европа, треба да бидат контролирани од ЕУ. Тоа значи или интервенција на регулаторот во Лондон и Велика Британија, или спроведување на соодветните трансакции тука во ЕУ“, рече тој во мај.

Во минатата недела ЕК излезе со свои предлози. Така на пример ЕК ќе има право да повлече еден дел од базираните на евро трансакции со хартии од вредност од Лондон. Британските даватели на овој вид услуги ќе ја загубат лиценцата, ако не биде постигнат посебен договор меѓу ЕУ и Лондон по планираното излегување на Велика Британија во 2019-та година.

„Од гледна точка на излегувањето на еден од најголемите европски финансиски центри, треба да направиме некои корекции во нашите правила“, изјави заменик-претседателот на ЕК, Валдис Домбровскис. Комисијата сепак се откажува од автоматското поместување на клириншките институции на континентот. Според предлогот на Комисијата, во иднина е можно „ограничен број“ клириншки куќи да бидат обврзани да вршат трансакции во рамките на ЕУ. Ова се однесува на овие даватели на сличен вид услуги кои се од особено значење за стабилноста на финансискиот систем и правилата за надзор надвор од ЕУ и не се доволни за да спречат евентуални ризици.

Хубертус Фет смета дека Франкфурт е во добра почетна позиција, ако евроклирингот треба да биде префрлен во ЕУ. Бидејќи во градот веќе постои соодветната институција /Eurex Clearing/, која поседува лиценца и соодветна технологија. „Ако оваа активност се пресели во Франкфурт, тука ќе се појават илјадници работни места“, вели Фет.

Шансите банкарскиот надзор „ЕВА“ да се пресели во Франкфурт, исто така се добри. На крајот на мај канцеларката Ангела Меркел ги потврди германските претензии за преместување на банкарската супервизија во Германија. Во службата за банкарска супервизија работат 189 лица. Во корист на релокација во Франкфурт зборува и близината на „ЕЦБ“. Инфраструктурата исто е адут во корист на Франкфурт. Градот располага со најголемиот аеродром во Европа и потребните недвижности. Во следните пет години ќе бидат изградени 20 нови облакодери, првите 6 од кои ќе бидат подготвени уште во 2020-та година, вели лобистот. Градот располага и со 300.000 квадратни метри канцеларии.

Во Франкфурт се градат и станбени згради, бидејќи градот ќе расте годишно со 15 до 20.000 жители. Во меѓувреме и некои други банки одлучија да ги преселат седишта од Лондон во Франкфурт. Неевропските банки имаат потреба од т.н. европски пасош, за да можат да прават трансакции во рамките на ЕУ. Ако тие добиле лиценца во Велика Британија, нема да имаат право да вршат банкарски опереции по излегувањето на земјата од ЕУ – во ниту една европска држава. Затоа многу банки се ориентирани кон Франкфурт, иако градот на Мајна има сериозна конкуренција: Париз, Даблин, Амстердам и Копенхаген.

Засега е јасно дека американските „JP Morgan“ и „Goldman Sachs“ ќе го зајакнат своето присуство во Франкфурт. Исто и „Silicon Valley Bank“ го преферира Франкфурт, како и руската надворешна банка. Корејската „Woori-Bank“, која досега не била активна во Европа, доаѓа во Франкфурт, како и британската „Standard Chartered“. Многу наскоро ќе ги објават своите одлуки и две јапонски банки, како и уште една британска финансиска институција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП