По двомесечен пад на извозот трговската размена со странство повторно се враќа во позитива.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во јули 2016-та вредноста на стоките и услугите кои завршиле на странските пазари достигнала 391 милион и 441 илјада евра што е за 12.8% повеќе во однос на јули 2015-та. Во истиот месец увозот достигнал 510 милиони и 330 илјади евра со што пораснал 0.9%. Покриеноста на увозот со извоз во јули била 71%.
Најизвезувани се машините и транспортните уреди, следат хемиските и сродните производи со вредност, па разните готови производи. Најувезувани се производите класифицирани според материјалот, следат машините и транспортните уреди, па хемиските и сродните производи.
Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Италија.
Овие позитивни резултати во трговската размена следуваат по двомесечен пад на извозот. Во мај и во јуни годинава тој беше помал за 3.7% односно за 13.2% во однос на соодветните месеци лани.
Бизнисмените подолго време предупредуваат дека пролонгирањето на политичката криза веќе има силно влијание на нивното работење.
„Се повеќе странски партнери претежно од земјите на Европската унија и Блискиот Исток откажуваат соработка со македонските компании поради актуелната криза. Поради моментот дека можеби нашите компании нема да можат навремено и редовно да вршат испорака на договорените производи и услуги, затоа и не се одлучуваат да ја посетат земјата и да се финализираат оние договори што биле планирани“, изјави неодамна Билјана Пеева – Ѓуриќ, директор во СКМ.
Дополнителен проблем за компаниите се и постојаните блокади на солунското пристаниште кое е и главната порта за македонскиот извоз и увоз.
Инаку најголем дел од македонскиот извоз (54.4%) е резултат на активноста на фирмите во Скопје, а најмал (само 0.9%) излегува од Североисточниот регион, покажува публикацијата на ДЗС „Регионите во Република Македонија“.
Ова е последица на концентрацијата на економските активности во главниот град. Според ДЗС учеството во БДП по региони е: Скопски 3.475.040.650 евра (42.6%), Пелагониски 919.186.991 евра (11.3%), Југоисточен 751.398.373 евра (9.2%), Вардарски 670.894.308 евра (8.2%), Источен 657.707.317 евра (8.1%), Југозападен 640.292.682 евра (7.8%), Полошки 613.577.235 евра (7.5%), Североисточен 432.731.707 евра (5.3%). Вкупниот БДП на Македонија изнесувал 8.160.829.263 евра (100%).
К. Н.