Кога ќе ви се пријаде нешто крцкаво, веројатно прво посегнувате по чипс или соленки. Иако се вкусни, тие не содржат многу вредни хранливи материи. Но, постои поздрава алтернатива која е подеднакво крцкава и вкусна – печен наут.
Нутриционистите го препорачуваат затоа што содржи хранливи материи кои можат да придонесат за здравјето на срцето, мозокот и дигестивниот систем, пишува „Real Simple“.
Поздрава алтернатива на чипсот
Исто како чипсот, печениот наут е солен, крцкав и практичен за грицкање. Сепак, неговата хранлива вредност е значително поголема.
„Печениот наут е мојата омилена крцкава грицка за здравјето на срцето, мозокот и дигестивниот систем“, вели Тереза ДеЛоренцо, спортска нутриционистка и професорка по нутриционизам на колеџот „Расел Сејџ“.
Таа најмногу сака да го подготвува дома. Го цеди наутот од конзерва, го зачинува и го пече во рерна додека не стане крцкав.
Здравје на мозокот
Печениот наут содржи магнезиум, минерал важен за правилното функционирање на нервниот систем.
„Содржи магнезиум, кој е важен за учењето, помнењето и способноста на мозокот да се приспособува на промените. Магнезиумот помага и во намалувањето на воспаленијата и оксидативниот стрес, што може да придонесе за зачувување на менталните способности“, објаснува ДеЛоренцо.
Таа додава дека магнезиумот може да помогне и во регулирањето на хормоните на стресот, а со тоа позитивно да влијае врз расположението и намалувањето на анксиозноста.
Порција од 30 грама печен наут содржи околу 35 милиграми магнезиум, што покрива приближно седум до девет проценти од дневните потреби. Истата количина чипс содржи околу 18 милиграми, односно речиси двојно помалку.
Здравје на срцето
Една од најголемите предности на печениот наут за здравјето на срцето е содржината на растворливи влакна.
„Овие влакна помагаат во намалувањето на нивото на ЛДЛ-холестеролот, односно ‘лошиот’ холестерол. Пониското ниво на холестерол го спречува таложењето наслаги на ѕидовите на крвните садови, со што се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања“, објаснува ДеЛоренцо.
Една порција од печениот наут што нутриционистката најчесто го купува содржи шест грама влакна, што претставува 21 процент од препорачаниот дневен внес. За споредба, истата количина мали соленки содржи помалку од еден грам влакна.
Подобро варење
Влакната од наутот служат како храна за корисните бактерии во цревата, кои имаат важна улога во здравјето на дигестивниот систем.
„Кога има повеќе корисни бактерии, се намалува присуството на патогените. Таквата рамнотежа во цревата го спречува нивното ширење кон други органи, што ги намалува воспаленијата и ризикот од заболувања“, вели ДеЛоренцо.
Здравите црева се важни и за правилното функционирање на имунолошкиот систем. Кога корисните цревни бактерии ги разградуваат влакната, се создаваат масни киселини со краток синџир – соединенија кои помагаат во регулирањето на имунолошките реакции.
Иако истражувањата ја потврдуваат поврзаноста меѓу внесувањето влакна и здравјето на имунолошкиот систем, не е директно докажано дека консумирањето печен наут само по себе го зајакнува имунитетот.
Сепак, поради високата содржина на влакна, печениот наут може да биде добар избор за сите кои бараат похранлива алтернатива на чипсот и соленките.