Нутриционистите препорачуваат неколку едноставни замени за главните оброци и ужините. Ваквите промени можат да помогнат во намалувањето на телесната тежина без изгладнување и стресот што често го предизвикуваат диетите.
Грчки јогурт наместо засладени житарки
„Житарките за појадок обично не се добар извор на протеини и поради нив често повторно чувствувате глад само неколку часа подоцна“, вели нутриционистката Ана Рајсдорф.
Добра алтернатива е обичниот грчки јогурт. Едно истражување покажало дека неговото консумирање им помогнало на жените со прекумерна телесна тежина или дебелина да се чувствуваат посити.
Храната богата со протеини го поттикнува ослободувањето хормони на ситост, кои му сигнализираат на организмот дека внесол доволно храна.
„Кога ќе додадете овошје и јаткасти плодови, внесувате и јаглехидрати и здрави масти, кои дополнително помагаат во контролата на апетитот“, објаснува Рајсдорф.
Ако сепак сакате житарки, можете да додадете помала количина незасладени интегрални житарки за да добиете крцкава текстура.
Обичниот грчки јогурт е идеален бидејќи не содржи додаден шеќер. Ако ви е премногу кисел, подобар избор е оној со помалку млечни масти, наместо целосно обезмастениот. Тој е покремаст, помалку кисел и веројатно ќе ви овозможи подолго чувство на ситост бидејќи мастите се варат побавно. За природна сладост можете да додадете и малку мед или јаворов сируп.
Интегрален тост со младо сирење наместо печиво
Печивата како ѓевреците и сличните производи содржат многу јаглехидрати, а малку растителни влакна. Според нутриционистката Аби Шарп, резултатот е нагло зголемување на енергијата, по што следува брз пад.
Наместо тоа, таа препорачува тост од интегрален леб со природен квасец, познат како „sourdough“, со младо сирење, исечени круши и ф’стаци.
„Оваа замена обезбедува протеини од сирењето, кои заситуваат, растителни влакна од крушата, кои го поддржуваат здравјето на цревата, и здрави масти од ф’стаците“, вели Шарп.
„Резултатот е појадок што помага да се одржи стабилно нивото на шеќер во крвта, обезбедува поголемо чувство на ситост и нуди повеќе хранливи материи за иста количина калории“, објаснува Шарп.
Ако не сакате ф’стаци или круши, можете да изберете друго овошје и јаткасти плодови, како ореви или бадеми.
Печен наут и пуканки наместо чипс
„Чипсот содржи многу заситени масти, рафинирани јаглехидрати и сол“, вели Шарп.
Оваа комбинација, карактеристична за високо преработените грицки, поттикнува прејадување, што може да доведе до зголемување на телесната тежина.
Како замена, Шарп препорачува крцкава мешавина од печен наут, пуканки и јаткасти плодови. Така се задоволува желбата за крцкава храна без потреба да се изеде цела кесичка чипс.
„Оваа замена обезбедува протеини, растителни влакна и здрави мононезаситени масти, кои ги нарекувам соединенија што го потиснуваат гладот. Тие го подобруваат чувството на ситост, помагаат во регулирањето на шеќерот во крвта и го штитат здравјето на срцето и дигестивниот систем“, објаснува таа.
Газирана вода наместо сокови
Слатките пијалаци, како газираните сокови, многу лесно се консумираат во прекумерни количини, вели Рајсдорф.
Причината е што не содржат хранливи материи како протеини, растителни влакна или масти, кои природно го забавуваат варењето и помагаат да се постигне чувство на ситост. Поради тоа, калориите и шеќерите се собираат пред воопшто да забележите.
Засладените пијалаци се поврзуваат со зголемен ризик од дебелеење и дијабетес тип 2.
Наместо сок, Рајсдорф препорачува газирана вода со додаток на цитрусно или шумско овошје.
„Со оваа замена го задржувате освежителното чувство на газиран пијалак, но исфрлате стотици калории неделно и придонесувате за подобра хидратација“, вели таа.
Додава дека ова е важно и затоа што жедта понекогаш може погрешно да се протолкува како глад.
Протеинско кафе наместо слатки пијалаци
Засладените кафиња и различните видови „лате“ пијалаци можат да содржат исто толку, па дури и повеќе шеќер од газираните сокови.
Како алтернатива, можете да пробате протеинско кафе. Додадените протеини ќе ве заситат, ќе помогнат да се избегнат наглите промени на шеќерот во крвта и ќе придонесат за зачувување на мускулната маса, што е важно за здрав метаболизам.
„Измешајте ладно кафе, познато како ‘cold brew’, со една мерка протеински прав или готов протеински пијалак“, советува Рајсдорф.
„Тоа е одличен начин без многу напор да внесете повеќе протеини, а истовремено значително да го намалите внесот на шеќер што се наоѓа во шлагот или сирупите“, вели Рајсдорф.
Тортиља богата со влакна наместо бел леб
„Заменете го белиот леб со тортиљи со висока содржина на растителни влакна за да се заситите со помалку калории“, советува нутриционистката Мелиса Митри.
Внесувањето растителни влакна е важно за слабеењето бидејќи го продолжува чувството на ситост, а повеќето луѓе не внесуваат доволно од нив.
Оваа едноставна замена е практичен начин да се намали внесот на калории и да се надомести недостигот од растителни влакна. Тие го поттикнуваат и ослободувањето хормони како GLP-1, кои го засилуваат чувството на ситост.
При изборот проверете ја декларацијата за да бидете сигурни дека тортиљата содржи меѓу пет и 10 грама растителни влакна. Внимавајте и на калориската вредност, бидејќи таа може значително да се разликува.
Бадеми со чоколадо наместо бонбони
Ако ви се јаде чоколадо, Митри советува бонбоните или колачињата да ги замените со бадеми прелиени со чоколадо.
„Повеќето слатки производи содржат многу шеќер, а малку хранливи материи, па лесно може да се претера и да се внесат премногу калории“, вели таа.
Од друга страна, една шака бадеми посипани со какао или прелиени со чоколадо може да ја задоволи желбата за благо, а истовремено да обезбеди многу подобра хранлива вредност.
„Бадемите се богати со протеини и здрави масти, кои придонесуваат за ситост, па полесно е да се консумираат умерено“, објаснува Митри.
Истражувањата ги поврзуваат бадемите со помала телесна тежина и помал процент на телесни масти. Тоа веројатно е резултат на повеќе фактори, меѓу кои и нивната способност да го намалат чувството на глад.
Едноставни промени за одржливи резултати
Слабеењето не мора да значи гладување или чувство дека постојано се откажувате од нешто. Постојат едноставни замени што ги препорачуваат стручњаците и кои овозможуваат да уживате во храната, а истовремено природно да постигнете чувство на ситост.
Најважно е да избирате вкусни намирници богати со протеини, растителни влакна и здрави масти.
Овие хранливи материи го зголемуваат чувството на задоволство по јадењето и поволно влијаат врз варењето, што може да помогне во намалувањето на телесната тежина. Ваквите промени не само што го олеснуваат слабеењето, туку го прават и попријатно.