Британскиот премиер Дејвид Камерон не сакаше во неделата да ја отфрли можноста дека ќе се залага за излегување на Велика Британија од Европската унија на референдум, доколку европските колеги не му ги дадат отстапките коишто ги бара.
На почетокот од годишната конвенција на владејачката Конзервативна партија во Манчестер, премиерот Дејвид Камерон побара од своите сопартијци да бидат стрпливи во врска со односите на Велика Британија со Европската унија.
„Доколку не го добијам она што го сакам, тогаш не исклучувам ништо. Меѓутоа, убеден сум дека ќе го добиеме она што го посакуваме“, изјави Камерон за BBC, кој одамна вети дека ќе одржи референдум за евентуално излегување на Британија од ЕУ до крајот на 2017 година.
„Се обидувам да го издејствувам за Британија она што ни е потребно и, очигледно, кога тоа ќе добијам ќе се свртам и ќе се залагам за останување во реформираната Европска унија“, додаде Камерон.
Британскиот премиер, исто така, во интервју за весникот The Telegraph одби да го објави датумот на одржувањето на референдумот, но вели дека неговите колеги во ЕУ ќе имаат „доволно време“ да ги разгледаат неговите барања.
И приврзаниците и противниците на излегувањето на Велика Британија од ЕУ ги започнуваат своите кампањи за да ги привлечат гласачите, како и неопходните средства, а постои опасност дека грчката криза и невидениот миграциски бран во Европа може да го свртат британското јавно мнение против членството во Европската унија.