Во една статија за „New York Times“, Американскиот научник Мичио Каку, опишал како според него ќе изгледа нашиот живот во иднината.
Тој во ова предвидување ги користел следниве критериуми, тие мораат да бидат во склад со законите на физиката и мора да постојат прототипи како „доказ на принципот“.
„Имав контакт со повеќе од 300 од најголемите светски научници, а многумина од нив ми овозможија пристап до лабораториите во кои ја измислуваат иднината. Врз основа на разговорите со нив, ви давам увид во она што можете да го очекувате во наредните децении“ – вели Мичио Каку.
1. Ќе исчезнат компјутерите.
Според Муровиот закон, силата на компјутерите ќе се зголемува секои 18 месеци. Тоа значи дека за десетина година чиповите ќе чинат околу едно пени. Компјутерите во денешен облик нема веќе да постојат, но сепак ќе ги има насекаде и секогаш. Неизбежни, но скриени, како струјата и водоводниот систем. Ќе не следат тивко и незабележливо и ќе ни ги исполнуваат желбите секаде и секогаш.
2. Зголемената реалност ќе стане дел од секојдневието.
Кога интернетот ќе биде достапен за посредство со контактните леќи, покрај лицето на личноста со која разговараме ќе можеме да ја видиме и нивната биографија, а во случај да зборува на странски јазик на располагање ќе ни биде и превод. Контактните леќи со пристап до интернет ќе воведат револуција во животите на актерите, политичарите, хирурзите, туристите, војниците и астронаутите, бидејќи ќе биде доволно да трепнат со окото за на располагање да им бидат дадени мапи, сценарија, говори, биографии и слично.
3. Наместо интернет ќе користиме „Мозок-нет“.
Во блиска иднина ќе ги управуваме компјутерите со мислите, а не со глувче. САД и Европската унија вложуваат стотина милиони долари во мапирање на нервните патишта во мозокот. Овој голем научен проект би можел да ги олесни маките на ментално заболените и да им овозможи на парализираните лица со помош на мислите да управуваат со компјутерите, инвалидските колички и механичките екстремитети, но и да ги користат домаќинските апарати и да играат видео игри.
Со посредство на телепатија (контакт со мислите) и телекинеза (придвижување на предмети според желба) ќе можеме да ги прикачуваме на интернет сеќавањата, да направиме „мозок-нет “ и да бегаме од мислите, па дури и од соништата. Кога би можеле да ги прикачиме мислите на интернет, невработените луѓе еден ден ќе можат да се преквалификуваат и да научат нови вештини, а студентите ќе можат да посетуваат настава додека спијат.
4. Капитализмот ќе биде усовршен.
Фактот дека секој ќе знае се за некој производ, услугите и корисникот ќе допринесат во развојот на „совршен капитализам“. Сите точно ќе знаеме каде постои понуда, а каде побарувачка, па пазарот ќе биде значително поефикасен. Во тек е дигитализација на индустриските претпријатија. Моментално се дигитализираат медиумите, а во наредната деценија ќе биде дигитализирано и образованието, медицината и сообраќајот.
5. Роботите ќе станат составен дел од секојдневието.
Вештачката интелигенција полека го освојува секојдневието. „Рободокторите“ и „робоадвокатите“ наскоро во секој момент ќе нудат корисни совети на разбирлив јазик, кои ќе можат веднаш да се применат.
Автомобилите без возач со „GPS“ управување ќе бидат составен дел од улиците, а „сообраќајна несреќа“ и „сообраќаен метеж“ ќе станат застарени изрази.
Роботичката индустрија ќе стане многу поразвиена од денешната автоиндустрија. Во услови кога општството станува се постаро, Јапонија, која произведува 30 проценти од светските роботи, веќе прави роботски болничарки. Механички хигиеничарки, готвачи, музичари и помошници ќе станат составен дел од „опремата“ во нашите домови.
6. Истрошените делови од телото ќе можат да се заменат.
Заболените и старите делови на телото ќе можат да се заменат, исто како што тоа денес го правиме со возилата. Научниците веќе одгледуваат кожа, рскавица, крвни садови, носови, мочни меури и душници од човечки клетки. Во иднината, ќе се развиваат посложени органи, како црни дробови и бубрези. Па од употреба ќе биде исфрлен и изразот „откажување на органот“.
7. Родителите ќе си ги дизајнираат потомците.
За неколку децении родителите ќе можат да ги бираат генетските карактеристики на своите деца. За помалку од 100 долари, ќе можеме да ги секвенцираме и регистрираме своите гени. Оштетените и нефункционални гени во нашиот геном ќе можат да се излечат со помош на генетска терапија. Научниците веќе ги изолираа гените на „паметен глушец“ и „моќен глушец“ од кои можат да се направат глувци со извонредно памтење и сила, а еквиваленти на тие гени постојат и кај луѓето.
8. Животот ќе се продолжува со помош на „Сајбермедицината“.
Процесот на стареење би можел да се забави. Денес знаеме дека стареењето настанува како последица на сплет на грешки на ниво на гените и клетките. Ако ни појде од рака да ги отстраниме погрешните споеви во механизмите кои обично се одигруваат во клетките, нашиот животен век би можел да се продолжи.
9. Диктаторите ќе станат големи губитници.
Дигиталната револуција ќе им даде моќ на обесправените, особено на луѓето кои живеат под власт на диктатор. Интернетот им овозможува на луѓето да сфатат дека не мораат да живеат како робови. Диктаторите кои се плашат од интернетот и нивните луѓе ќе станат големи губитници.
10. Интелектуален капитализам наместо пазарен капитализам.
Се наоѓаме во историска фаза на премин од пазарен капитализам, заснован на стоки, на интелектуален капитализам, заснован на знаење. Земјите кои ќе инвестираат исклучиво во земјоделие веројатно ќе се соочат со ослабнување на економијата. Земјите кои користат стоковен капитализам како отскочна даска на патот кон мешовита економија заснована на стоковно-интелектуален капитализам, најверојатно ќе се збогатат.