26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДЕН НА ДРВОТО: Колку чини загадениот воздух – во човечки животи, но...

ДЕН НА ДРВОТО: Колку чини загадениот воздух – во човечки животи, но и во материјални средства

skopje

1.351 смртен случај и економска загуба од 253 милиони евра или нешто над 3% од вкупниот Бруто домашен производ – ова е цената во човечки животи и во материјални средства што Македонија ја плаќа секоја година поради загадениот воздух, покажуваат анализите на Светска Банка.

Извештајот „Зелен развој“ ја рангира земјава на петото место во Европа според последиците предизивикани од штетните ПМ-10 и ПМ-25 честички. Полошо од нас стојат само Бугарија, Србија, Романија и Унгарија.

Зголемен бројот на сериозно и на хронично болни

Штетните честички во просек секоја година предизивкуваат 1.351 смртен случај поради развивање на болести на белите дробови, на срцето и на крвните садови, се наведува во извештајот во кој исто така се посочува и на зголемената појава на хроничен бронхит, астма и други помалку сериозни заболувања.

Сето ова резултира со 15.200 итни интервенции и посети на лекар, 770 третмани со пролонгиран престој во болнички услови и стотици илјади пропуштени денови на работа поради боледување, како и огромни трошоци за здравствениот систем.

Според Светска Банка, 44.8% од издатоците за лекување поради загадениот воздух отпаѓаат на жителите на Скопје, 8.5% на Битола, 8.0% на Куманово, 5.1% на Тетово, 4.8% на Велес…

Кој е главниот виновник за загадувањето?

Податоците во извештајот се од 2011-та, според нив 58% од ПМ честичките биле поради работењето на металуршките компании, 17% од термоелектраните и топлификациите, 10% од асфалтот за патиштата, 8% од домаќинствата и 7% од други извори.

Што може и мора да се направи?

„Кај металурчкиот сектор мора да се работи на инсталирање на соодветни филтри, кај производството на струја на промена на основниот енергенс кој се користи – природен гас наместо лигнит и јаглен, кај производството на асфалт мора да се воведе посовремена опрема, кај домаќинствата мора да се работи на замена на старите и неефикасни печки“ се наведува во Извештајот според кој сите овие постапки веќе се дел од предпристапните процеси за зачленување во Европската Унија.

Што велат надлежните?

Загадувањето е резултат на комбинација на многу ефекти, а не само на индустријата, вели вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски според кого најголем удел особено во Скопје и Тетово имало загревањето со огревни дрва.

„Правиме се она што не се правело во изминатите години и мислам дека во делот на заштита на животната средина оваа Влада има направено повеќе од било која претходно. Течат роковите што ги има доделено Владата за Југохром од Јегуновце да ги направи неопходните филтри, а подготвителните активности се во тек. Југохром сега работи со 20 проценти од капацитетот и е многу мал учесник во вкупното загадување на Тетово. Инсистираме компанијата да ги задоволи еколошките стандарди согласно одлуката на Владата и согласно европските норми. Доколку тоа не се случи во предвидените рокови ќе се преземат соодветни законски мерки“ објаснуваше денеска Пешевски.

Во изминатиов период се преземаа серија мерки со кои се намали загадувањето на воздухот, изјави неодамна и Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина.

„Се инвестираше во нови автобуси со помала емисија, се проширија улиците со што се овозможи поголем проток на возила, се засадија нови дрва, се реализира кампањата ‘Македонија – земја на розите’… Како трајно решение за намалување на загадувањето на воздухот е гасификацијата во домовите и во индустријата на што Владата активно работи. Сите овие мерки и активности како и останатите кои се насочени кон подобрување на состојбата со животната средина се содржани во Националната стратегија за здравје и животна средина, која Владата ја подготви со поддршка на Светската здравствена организација. Секако битно е да се нагласи и големата вклученост и напорите кои ги прават единиците на локална самоуправа за намалување на загаденоста“ објаснува Лепиткова според која поставувањето на мерните станици бил доказ дека државата сериозно го сфаќа загадувањето.

Граѓанските активисти со порака на Денот на дрвото

Граѓанските иницијативи „Ќе дишеме или ќе издишеме“, „Сакаме да дишеме – Аеродром“ и „Ние сме Карпош 4“ упатија порака до надлежните по повот Денот на дрвото.

„Промовирате наталитет а не кажувате дека повеќе од 1.350 смртни случаи се припишуваат годишно во Македонија како последица од загадувањето со ситни честички. Промовирате здравство и отворање болници, а се уште не го пуштивте во употреба Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле (иако требаше да биде пуштен лани). Промовирате садење на дрвја а неодамна имавте масовно сечење. За да ја засадиме нашата иднина треба да ја преживееме сегашноста. И за крај – еден Ден на дрвото, а секој ден на бетонот“ беше пораката што ја упатија до надлежните.

Што велат мерните станици денеска?

Во Тетово во 9 часот утрово се измерени 516 микрограми или десетпати повеќе од дозволеното, а во текот на ноќта максималното ниво изнесувало 833, пишува на страницата на која се објавуваат податоците за загаденост. Рекорд синоќа го држеше Битола, со аерозагадување од 919 или 18 пати повеќе.

Од скопските општини, најзагадено е во Центар со 296 микрограми, следуваат Карпош со 282, Гази Баба со 194, Лисиче со 172, а кај Ректоратот се измерени 150 микрограми на еден кубен метар.

Ден на дрвото – засадување три милиони садници на 100 локации

На Денот на дрвото е планиранио засадување на три милиони садници на повеќе од 100 локации на површина од 930 хектари.  Акцијата годинава се одржува под мотото „Засади успех“.

Според досега објавените податоци на Министерството за земјоделство и на Македонски шуми за досегашните 15 акции се потрошени речиси 8 милиони евра.

Анализите на Инспекторатот за шумарство покажуваат дека 53% од садниците ја преживуваат првата година.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП