3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИма простор за засилено кредитирање

Има простор за засилено кредитирање

stb

Македонските банки се ликвидни.  Имаат пари за кредити, и за граѓаните и за стопанството. Народната банка регистрира позитивни движења и на страната на понудата и на страната на побарувачката, што дополнително влијание на зголемување на кредитниот раст и на економската активност.

Според податоците за август, годишната стапка на вкупните кредити изнесува 8,8 проценти. Иако е нешто пониска во однос на проекцијата за третиот квартал, од НБРМ велат дека движењата на кредитниот пазар се генерално поволни, што укажува на ефикасноста на донесените монетарни мерки. Кредитирањето, пак,  придонесува економската активност и во иднина да расте со солидно темпо. Со слични очекувања се и економистите.

„Кретирирањето не се однесува само на стопанството, туку и на комплементарните активности, секундарниот и терцијалниот сектор во државава. Сметам дека нашите банки правовремено реагираат со воведувањето на овие мерки кои се во функција на стопанството“ – вели универзитетскиот професор, Сашо Кожухаров

Основната каматна стапка остана непроменета на ниво од 3,25 проценти, а подобрената ликвидност на банките го зголеми интересот за пласирање на вишокот пари кај Народната банка. За претстојниот период се очекува да засили кредитната активност и да се движи во рамките меѓу 9 и 10 проценти. Сомнителните или спорни побарувања на банките се позиционирани на 11,2 отсто. На крајот на август, вкупните депозити се повисоки за 6,7 проценти, иако повторно ова е под проекцијата за третиот квартал. Според професорот Кожухаров, постојат услови за зголемено кредитириање и за пласирање повеќе средства во насока кон бизнисот.

Економистите сметаат дека со оглед на структурата и на капиталот со којшто располагаат банките во Македонија постојат  услови за олабавување на монетарната политика. Полека се намалува и влијанието на факторите кои внесуваа неизвесност во домашната економија, во прв ред внатрешната политичка криза и случувањата во Грција, што придонесе за пад на бруто-инвестициите и за забавување на растот на БДП на 2,6 проценти во второто тримесечје. Народната банка ја следи состојбата и најави дека соодветно на тоа ќе ја приспособува и монетарната политика.

 

Какви кредити бараат граѓаните?

Податоците покажуваат дека граѓаните најчесто користат потрошувачки, станбени или ненаменски кредити, додека компаниите се почесто користат инвестициски кредити со кои ги унапредуваат своите бизниси. Конкуренцијата во банкарскиот сектор е силна, постојано се воведуваат иновативни производи преку кои банките го олеснуваат патот до кредитите.

„Податоците за оваа година споредено со крајот на 2014-та покажуваат околу 15 проценти раст, што е во согласност со нашите проекции. Нашите анализи покажуваат дека растот оваа година, кој патем речено е двојно поголем од растот на банкарскиот сектор во Македонија, се должи пред се на иновативните производи кои ги воведовме, со конкурентните услови со кои настапуваме на пазарот“, вели Маја Палчевска, регионален директор во Шпаркасе банка.

Банките имаат пари. Подготвени се да ги пратат компаниите и да обезбедат доволно финансиски средства. Интерес за кредити има од прехранбената индустрија од земјоделството, преработувачката индустрија.

Компаниите се поретко бараат кредити за обртни средства. Познавачите на банкарскиот сектор велат дека фирмите се повеќе се насочуваат кон инвестициони кредити, со кои влегуваат во нови бизниси или го прошируваат постоечкиот.

„Од почетокот на годинава, па заклучно со јули 2015-та година бележиме многу добар пораст во кредитирањето, се работи за пораст од 8,6 проценти. Претпријатијата најчесто бараат кредити за краткорочна ликвидност, за обртни средства, за фиксни средства“, вели Билјана Северинова од ПроКредит банка.

Банкарите велат дека и нефункционалните кредити останале на исто ниво- 11,3%, што значи дека оној тренд на благ пораст на нефункционалните кредити оваа година запре.

Според најновите податоци на Народната банка, заклучно со август, вкупното салдо на депозитната база изнесувало над 4 милјради 730 илјади, и во однос на јули е регистриран пораст.

Во август има раст и кај денарското и кај штедењето во странска валута- 60 насто е во денари. За осум месеци, или од јануари до крајот на август, депозитната база е зголемена за 60 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП