4 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина воведе царина за коњак и други жестоки пијалоци од ЕУ

Кина воведе царина за коњак и други жестоки пијалоци од ЕУ

Кина денес воведе антидампинг давачки за некои европски жестоки пијалоци, особено за францускиот коњак, соопшти Министерството за трговија на таа земја.

Тарифите, кои стапуваат на сила утре, ќе се движат помеѓу 27,7 и 34,9 проценти, ќе бидат во сила пет години и нема да се применуваат ретроактивно.

Објавувањето на новите тарифи беше најавено по посетата на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на Брисел и Берлин, а денес е предвидено тој да се сретне со својот француски колега Жан-Ноел Баро во Париз.

Кина воведе антидампинг цени по истрагата за трговијата со коњак, а Европската унија (ЕУ) претходно истражуваше кинески субвенции за електрични возила.

„Истражното тело конечно пресуди дека имало дампинг на сродни пијалоци увезени од ЕУ“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за трговија.

Додадено е дека „домашната индустрија за бренди во Кина се соочува со закана од материјална штета“ и дека постои „причинско-последична врска помеѓу дампингот и заканата од штета“.

Покрај пијалоците, Кина започна истраги и за европските свински и млечни производи.

Кина првично објави привремени царини од 30,6 до 39 проценти за францускиот производител на коњак „Реми Мартин“ и неколку други европски брендови, бидејќи повеќето земји од ЕУ одобрија царини за електрични возила произведени во Кина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар