5 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманските туристи наоѓаат спас во Охрид

Германските туристи наоѓаат спас во Охрид

Германците годинава масовно го „откриваат“ Охрид. Не затоа што немале слушнато за градот претходно, туку затоа што во нивната пресметка за идеален летен одмор влегла нова променлива: инфлацијата во Германија.

И така, она што претходно беше ексклузивна дестинација на локалните патриоти, полека станува алтернативна и пожелна опција за германските туристи.

„Минатата сезона бевме во Баварија. Само три ноќевања во хотел горе во планина нè чинеа околу 800 евра. Сега сме тука, во Охрид, и не можеме да поверуваме дека за истиот буџет добивме цела недела одмор“, раскажува Сабине Хоф, германска туристка од Хановер. „Во цената ни е појадокот, екскурзиите со чамец и дури и вечери во локални ресторани со музика во живо. И сè уште имаме за трошење“.

Сабине не е исклучок, туку типичен пример на новата туристичка математика која, годинава, сè почесто ги води Германците кон југот на Европа.

Според локалните туристички агенции, бројот на гости од Германија пораснал за четвртина во однос на лани. Една од причините, сосема очекувано, е што германскиот „џеб“ годинава чувствително ослабе, а Балканот стана идеална компромисна варијанта.

„За пакет што вклучува лет од Франкфурт до Скопје, трансфер до Охрид и седумдневен престој, просечен Германец плаќа некаде меѓу 400 и 600 евра. Ако, пак, реши да одмори на германското крајбрежје на Балтикот, само сместувањето и транспортот му чинат и до 1.000 евра“, вели Александар Јакимовски од една туристичка агенција која интензивно работи со германски гости.

Не е само Македонија. И другите балкански земји – Албанија, Србија, Црна Гора, па и Босна – оваа година бележат слични трендови. Младите Германци посебно се фасцинирани од нешто што го нема дома – автентични искуства и искрена комуникација со домаќините.

„Не бараме само плажа и лежалка, туку вистински доживувања. Кога дојдовме тука, сфативме дека гостопримството е нешто што не се купува со пари. Луѓето се неверојатно пријателски расположени, а тоа дома често ни недостига“, вели со насмевка Лукас Бекер, студент од Минхен, кој со неговата екипа за првпат ја искусува Македонија.

За локалните охриѓани, напливот на Германци е добра вест. Рестораните брзо ги прилагодија менијата на англиски и на германски јазик, апартманите се полни, а дигиталните резервации веќе се задолжителни. И самиот град полека го фаќа чекорот со оваа туристичка револуција.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар