26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДве претстави за крај на МОТ

Две претстави за крај на МОТ

mot-mot

Завршува јубилејниот 40ти МОТ, а на последната фестивалска вечер има две посебни театарски доживувања, претставата „Електра“ и претставата „А каде е револуцијата стоко?“.

Во понеделник, со почеток во 19 часот, во МНТ, може да ја погледнете претставата „Електра“, на Македонскиот народен театар.

На македонскиот театар многу ретко му се случува претстава како „Електра“. Тоа е едно од оние вонредни искуства, кои имаат за цел, не само да донесат свежа промена во постојаната традиција, туку и да испровоцираат создавање нови претстави што целосно ќе ја променат перманентната естетика во театарот. Носењето на нестандардниот светски познат режисер Андриј Жолдак да режира во најголемата македонска национална куќа е позитивен потег, кој треба да е мотивација за понатаму. Со премиерата во септември минатата година се покажа дека овој ансамбл и овој театар има капацитет за претстави што бегаат од ортодоксниот свет на застоениот театарски модел и што смело и пожртвувано го бараат театарот. Театарот насекаде низ светот си има свој тек, природен или не, понекогаш затскриен зад некои норми/правила, понекогаш во потрага по своите корени, понекогаш во битка со современите медиуми.

Андриј Жолдак создава претстава што предизвикува уште од првата сцена. Работена паралелно на неколку плана во корелација со современите медиуми, а пред сè, со доминацијата на главната актерка Дарја Ризова во насловната ролја, оваа претстава треба да се види, за да може сериозно да се препознае новиот театарски модел за кој е способен македонскиот театар. Од првите до последните сцени, режисерот создава претстава што гледачот го вмрежува во мноштвото знаци и театарски конструкти, создавајќи современа, модерна, актуелна претстава, која на еднаков начин го третира и актерот и сценското помагало и гледачот и емоцијата.

Во МКЦ пак, во 21 часот, може да ја погледнете „А каде е револуцијата стоко?’ на театарот Монтажстрој, Загреб.

„А каде е револуцијата, стоко?“ е политичка, документарна и мултимедијална претстава, која поставува некои од пожешките прашања на сеопфатните општествени промени на современиот свет. Во неа драмскиот текст не се изговара, туку се пее. Петмина изведувачи на сцената го креваат гласот против неправдите во општеството во кое живееме додека нивната изведба во живо е следена од видеоснимка на големо платно за проекција.

Претставата го поставува прашањето дали може поп-музиката да придонесе во општествените промени.

Со комбинација меѓу електронска музика и френетичен танц, изведувачите пеат за распадот на Југославија и социјализмот, за воените разорувања, економската транзиција, за крадењто на заедничките добра, за заробениците на парите, за пропаднатата работничка класа, за ксенофобните и хомофобните пораки со омраза, толку присутни во нашето секојдневие…

Во создавањето на музичкиот репертоар на претставата низ цитати, парафрази и препеви, користен е култниот југословенски рокенрол албум „Пакет-аранжман“ од 1981 година. Иако тој албум ги удри темелите на југословенскиот „нов бран“, рокенрол-бунтот од почетокот на 80-тите стана само уште еден производ распространет на пазарот.
Изведувачите на претставата А каде е револуцијата, стоко? документарно ја разоткриваат позадината на создавањето на ова театарско дело. Видеопроекцијата што ја следи живата изведба, всушност е автоцензурирана снимка на сосема друга претстава. Претстава што е сопрена и забранета. Некои од легендите на југословенскиот „нов бран“ сметале дека со неа се кршат нивните авторски права.

„А каде е револуцијата, стоко?“ документарно проговорува за правните последици на ставот дека музиката може да ја делиме, а притоа никој ништо да не губи. Таа ги разголува механизмите на цензурата и автоцензурата условени од незаситната желба за пари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП