28 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнкета: Македонските инвеститори треба да ги имаат истите поволности како странските

Анкета: Македонските инвеститори треба да ги имаат истите поволности како странските

Invest-in-macedonia-golema

Мнозинството македонски граѓани сметаат дека странските директни инвестиции во зоните имаат позитивно влијание врз македонската економија, но дури 85,2 отсто од нив, сметаат дека македонските компании треба да ги уживаат истите поволности како и компаниите во технолошко-индустриските развојни зони, покажа анкетата на ЗМАИ (Здружение на млади аналитичари и истражувачи).

Телефонската анкета покажува дека повеќе од половина од граѓани, односно 56 отсто, сметаат дека странските директни инвестиции имаат позитивно влијание врз македонската економија, наспроти 20,9 отсто кои не се согласуваат со овој став.

Во однос на влијанието на владините промоции и патувања во странство за привлекување на странски директни инвестиции во земјава, мислењето на граѓаните е генерално поделено. За разлика од останатите, 50% од вработените во компаниите во технолошко-индустриските развојни зони сметаат дека владините промоции и патувања имаат големо влијание во привлекувањето на СДИ, додека пак мнозинството (56,7%) сопственици на приватни бизниси, сметаат дека влијанието од оваа промотивна активност е мало.

Вработените во странски директни инвестиции повторно се со спротивставени ставови со сопствениците на приватни бизниси и студентите кога станува збор за поволностите кои владата ги дава на странските инвеститори. Дури 56,3 проценти од вработените сметаат дека поволностите кои Владата ги нуди се оправдани, додека сопствениците на приватни бизниси (со 66,7 проценти), како и студентите (со 63 проценти), не се согласуваат со овој став. Дополнително, македонското и албанското население има спротивни ставови во однос на ова прашање, па така 48,1 отсто од Македонците одговориле позитивно, наспроти 58,4 проценти од Албанците кои сметаат дека поволностите кои се даваат на странските директни инвеститори не се оправдани.

Повеќе од половина граѓани, 52,6 проценти, се против ослободувањето од данок на добивка за странските директни инвеститори во ТИРЗ, а 70 отсто од сопствениците на приватни бизниси, кои ја немаат оваа поволност, како и 60,8 проценти од вработените во приватен сектор сметаат дека не е оправдано ослободување на данокот на добивка за овие компании.

Дури 60,5 отсто од граѓаните сметаат дека работните места отворени во технолошко-индустриските зони не се доволно платени. Единствено студентите не се согласуваат со овој став, па така, 67,4 проценти од нив сметаат дека вработените во странските директни инвестиции се добро платени.

Општата јавност е поделена по прашањето „Дали придобивките од странските директни инвестиции се поголеми од трошоците за нивно привлекување?”, но 53,3 отсто од магистрите/доктори на науки се изјасниле дека трошоците за привлекување на странски дирекни инвестиции се поголеми од придобивките кои ги има државата.

Исто така 74,8 отсто од македонските граѓани сметаат дека е потребно отварање на нови технолошко-индустриски развојни зони.

Оваа анкета е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1118 граѓани од страна на Здружението на млади аналитичари и истражувачи. Проектот „Влијанието на владините субвенции за странски директни инвестиции, наспроти нивниот ефект врз економскиот раст“ е прв проект од ваков вид што се спроведува од страна на невладина организација и е дел од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП