Богатството на еден процент од најбогатото население во светот во 2016 година ќе ги надмине останатите 99 проценти од популацијата, пресмета британската непрофитна организација „Oxfam“.
„Размерот на глобалната нееднаквост едноставно е запрепастувачки и покрај тоа што соодветните прашања стануваат се поважна тема во светските размери, јазот меѓу богатите и остатокот од светот нагло се продлабочува, изјави извршниот директор на „Oxfam“ Вини Бианјима.
Уделот на овој еден процент од жителите во вкупното светско богатство се зголеми од 44 проценти во 2009 година на 48 проценти во 2014 година, наведува оваа организација во извештајот.
До 2016 година уделот на најбогатите ќе надмине 50 проценти, пресметаа тие.
Од преостанатите 52 проценти до светското богатство, речиси се – односно дури 46 проценти – е во рацете на останатите 20 проценти од најбогатата светска популација. На останатите 80 проценти од светското население им остануваат само 5,5 проценти од светското богатство, односно во просек 3,851 долари по возрасно лице, се наведува во извештајот.
Најмногу богати лица во Америка
Според истражвањето на банката „Credit Suisse“, мината година глобалното богатство пораснало на 263 трилиони долари.
Според истражувањето кое го спроведе „Oxfam, најголем број богати лица живеат во САД. Во САД има 18 милиони луѓе кои се побогати од преостанатите 99 проценти од светската популација. Следи Франција со 3,5 милиони богати лица. Во Велика Британија има 2,9 милиони, а во Германија 2,8 милиони богати лица.
Германија има најсилна економија во Европа, но причината што има помал број на богати лица лежи во тоа што многу лица немаат свои недвижнини.
Двата азиски гиганти исто така заземаат свој дел од светското богатство. Во Јапонија живеат четири милиони богати лица, а во Кина 1,6 милиони.
Државата со најголем процент на богати лица во однос на бројот на жители е Швајцарија.
Еден од десет Швајцарци имаат во сопственост повеќе од 798,000 долари, што се смета за праг за влез во групата „1 процент од најбогатите луѓе во светот“.