19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа 6 месеци 250 барања за посредување во спорови во домувањето

За 6 месеци 250 барања за посредување во спорови во домувањето

zgradi e5

Во областа домување граѓаните најмногу се жалат на нерегуларности поради одбивање на управители да префрлат пари од резервниот фонд на нов управител или на нова заедница на сопственици, се вели во извештајот за работата на Регулаторната комисија за домување за периодот јули­декември 2014 година, што денеска доби поддршка од собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.

Според извештајот, се појавуваат и проблеми при префрлање на средствата од резервниот фонд и предавањето на целокупната документација од управителите на кои им е одземена лиценцата за вршење дејност за управување со станбени згради. Некои управители пак доставуваат само уплатници без детална месечна пресметка и задолжување на сопствениците на посебните делови да го платат износот за тековно и редовно одржување, како и износот за резервен фонд во месецот.

Очекувањата на Комисијата се дека таквите нерегуларности поради кои граѓаните имаа низа проблеми во изминатиот период ќе се решат со примената на последните измени во Законот за домување, со кои се допрецизираа надлежностите на управителите и заедниците и условите за издавање лиценци. Меѓу другото лиценцираниот управител ќе може да поднесе и тужба за надоместување на трошоците кон станарите кои не ги подмируваат трошоците, а управителот навремено ќе мора да ги подмири месечни трошоци.

„Над 70 проценти од имплементацијата на Законот зависи од општинските инспектори за домување, но и покрај барањата од наша страна дел од општините не ги именуваат“, рече на седницата Ќерим Зимери, член на Регулаторната комисија за домување.

На барање на пратеникот Милан Стојанов од ВМРО­ДПМНЕ Зимери појасни дека Регулаторната комисија за домување сеуште не почнала да ја исполнува обврската за категоризацјата на станбените згради и становите затоа што не била кадровски екипирана.

Според Лилјана Затуровска, член на Комисијата за транспорт од ВМРО­ДПМНЕ, наспроти критиките од опозицијата носењето на Законот за домување и формирањето на Регулаторната комисија се покажале како оправдани и помогнале за регулирање на оваа област и за подобрување на квалитетот.

До Регулаторната комисија за домување во втората половина од минатата година пристигнале барања за посредување во 250 спорови помеѓу управители, претседатели на заедници на сопственици и сопственици на посебни делови на станови. За 45 случаи Комисијата доставила предлог­мерки до општинските инспектори за домување за вршење инспекциски надзор.

Од јули до декември 2014 Регулаторната комисија за домување издала 2 лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради, а одземени се десет лиценци, со што досега таква лиценца имаат добиено 43 правни лица. Во овие лиценцирани фирми се вработени над 360 лица, а индиректно преку договори за услуги од делокругот на управувањето (одржување хигиена, занаетчиски работи и слично) се обезбедува работа и за голем број вработени во правните субјекти кои нудат услуги од ваков тип, се вели во извештајот.

Од вкупно четириесет и три правни лица момемнтно во регистарот кој што го води Регулаторната комисија за домување активни се триесет и три правни лица. Десет лиценци се одземени поради неисполнување на новиот услов за задолжително депонирање 5.000 евра.

Според извештајот на Комисијата, во последниве шест месеци има пораст на бројот на станбени згради управувани од лиценцираните управители и нивниот број сега изнесува 2.400 (со вкупно 47.700 посебни делови, односно станови и деловни простории), за разлика од првото полугодие на 2014 година кога тој број изнесуваше 2.050 (со вкупно 41.308 посебни делови, односно станови и деловни простории). Лиценцираните управителии имаат склучено договори за управувачки услуги само во 11 градови.

Регулаторната комисија за периодот од јули ­ декември 2014 година евидентира благ пад на бројот на регистрирани заедници на сопственици. Според податоците добиени од Централниот регистар на Република Македонија, до крајот на декември се регистрирани вкупно 2.913 заедници на сопственици. Кај бројот на згаснати заедници на сопственици е забележан е драстичен пораст и изнесува 332. Како и во претходниот период најголем број од станбените згради кои ги згаснале заедниците на сопственици, имаат донесено одлука за ангажирање лиценциран управител, па се очекува овој тренд да продолжи и во иднина, наведува во извештајот Регулаторната комисија за домување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП