6 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГувернерот Славески за МИА: Стабилноста на денарот останува цврста определба, банкарскиот систем...

Гувернерот Славески за МИА: Стабилноста на денарот останува цврста определба, банкарскиот систем е стабилен

„Стабилноста на денарот нема и не смее да се доведе во прашање. Тоа е одамна затворено прашање“, порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за Македонската информативна агенција (МИА), потенцирајќи дека фиксниот девизен курс и натаму ќе биде цврста основа на макроекономската стабилност во земјата.

Гувернерот истакна дека режимот на девизен курс којшто го практикува земјава е поддржан од сите досегашни влади, деловната заедница, експертската јавност и меѓународните институции. „Не само што нема дилеми, туку и не слушаме повеќе повици или навестувања за промена на курсот, што претходно знаеја да се појават. Фиксниот девизен курс добро ѝ служи на македонската економија. Свесни сме дека каква било интервенција во паритетот на националната валута во однос на еврото би предизвикала значителна штета, без речиси никаква корист, со оглед на високиот степен на отвореност на македонската економија“, рече Славески.

Славески ги повика граѓаните и бизнисите на спокојство, уверувајќи дека нивните заштеди и планови се сигурни во стабилен и предвидлив финансиски систем. „Народната банка ќе обезбеди стабилен курс и стабилно финансиско окружување за реалниот сектор. Работиме во тесна координација со Министерството за финансии и со сите релевантни институции“, рече тој.

Дополнително, гувернерот потенцира дека финансиската стабилност и сигурноста на заштедите се поддржани и од силниот банкарски систем и супервизорските капацитети на Народната банка. „Имаме здрав банкарски систем, со високо ниво на капитализираност, над меѓународните стандарди,“ рече гувернерот.

Во интервјуто беше подвлечено и дека Народната банка ужива висок кредибилитет кај меѓународните финансиски институции и дека таа соработка ќе продолжи и понатаму, со визија да се зачува независноста, да се зајакнуваат институционалните капацитети и да се обезбеди долгорочна стабилност.

На крајот, тој ја потенцираше визијата за зајакнување на институционалната независност и инвестирање во човечкиот капацитет како клучна основа за долгорочна стабилност и развој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП