4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОранжериските производители бараат услови за користење на геотермалните води

Оранжериските производители бараат услови за користење на геотермалните води

oranzeri voda

Да се ревидира и адаптира тарифникот за термалните води согласно реалните состојби и потреби на терен, а не да базира на цената на мазутот, бараат оранжериските производители.

Воедно апелираат надлежните министерства, за економија, земјоделство, транспорт и животна средина да овозможат целосно спроведување на Програмата за искористување на енергенсите, особено на геотермалните води, донесена во 2012 година.

Како што рече денеска на прес-конференција Бранко Балтовски, претседател на Групацијата за оранжериско производство при Стопанската комора, цената на геотермалните води мора да се прилагоди на локалните услови, да се одредува според вложувањата за нивно ставање во функција и според експлоатацијата.

„За да се стави во функција еден извор на геотермална вода која не е површинска, неопходни се најмалку 500.000 евра. Но, ако не ја користите, зашто регулативата практично не е адаптирана на локалните потреби, инвестицијата останува јалова“, истакна Балтовски.

Според него, цената на мазутот изминатите четири години порасна за 300 отсто поради што најголем дел од капацитетите речиси не се во функција.

„Ако некој сегмент не функционира зашто е прескап, како мазутот во случајов, тогаш, согласно тарифникот, нема да функционира и другиот сегмент – геотермалните води. Затоа бараме промена на тарифникот, односно негово усогласување со реалните состојби“, објасни Балтовски.

При дефинирањето на тарифникот, додаде, мора да се земе предвид дека геотермалните води се отворен систем на греење за разлика од мазутот кој е затворен и тоа овозможува 100-процентно искористување на енергијата.

Претседателот на Групацијата укажа дека за 24-часовно загревање на оранжериите во јануари и февруари се трошат 250.000 денари, додека за производство на еден килограм домат потребни се 1 килограм мазут или еден метар кубен геотермална вода. Притоа, просечната цена на доматот е 40 денари.

За оранжериските производители, освен проблеми со енергенсите, треба да се надминат и некои катастарски.

Одговорајќи на новинарски прашања, Балтовски потенцира дека моментно класичното оранжериско производство во Македонија не само што не нуди извоз и едвај ги задоволува и домашните потреби. Во клучните месеци, декември, јануари, февруари и март Македонија увезува и тоа главно од Албанија, Турција и Грција.

„Наместо да јадеме увезени производи, треба сите заедно да се заложиме и да обезбедиме услови за домашно оранжериско производство преку ставање на компаративните предности во функција“, истакна Балтовски.

Осврнувајќи се на конзервната индустрија, напомена дека таа не треба да се потпира на она што ќе остане непродадено. Потсети и дека порано се произведуваа по 100 хектари индустриски пиперки и домати наменети исклучиво за преработувачите.

Оранжериите во Македонија покриваат 240 хектари но, од нив, само четири со вкупна површина од околу 35 хектари користат термални води за загревање. Како што информира Васко Ристовски од Стопанската комора, токму поради енормно зголемените трошоци за греење на кои отпаѓаат скоро 70 проценти од вкупните производни трошоци, раноградинарите, од зимско-пролетно производство се преориентираа на подоцнежно производство кое се совпаѓа со пластеничкото. Оттука, потоа се јавува вишок на пазарот и драстично намалување на цените.

Програмата за искористување на енергенсите, особено на геотермалните води, донесена за периодот 2013 – 2016 година, според Групацијата, се спроведува во Кочани, Виница, Струмица и Гевгелија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП