6 јуни, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАШто ли јадеме - зошто денешното овошје не е вкусно како порано?

Што ли јадеме – зошто денешното овошје не е вкусно како порано?

Плодовите на денешното време изгледаат совршено – мазни, сјајни, со совршена форма и боја, речиси како од реклама. Но, кога ќе ги загризете, наместо експлозија од вкусови, добивате бледа сенка на она што некогаш беше сочен и миризлив залак од домашно јаболко или праска.

Потрошувачите сѐ почесто се жалат дека овошјето „не е како порано“. На пазарите, на социјалните мрежи, дури и по улиците, сѐ повеќе луѓе го поставуваат истото прашање: зошто вкусот исчезна?

„Го купив ова јаболко за 40 денари едно – големо, црвено, мазно. Ама кога го загризав, како да џвакате картон. Без сок, без арома. Тоа не е јаболко, тоа е пластика“, раскажува 63-годишниот Стефан од Скопје.

Причините за оваа деградација на вкусот се повеќеслојни. Една од главните е селекцијата на сорти со приоритет на изглед и трајност, наместо на вкус и нутритивна вредност.

Модерната агроиндустрија ја тера трката за перфекција – овошје што нема да се оштети при транспорт, што ќе трае недели на рафтовите, и ќе изгледа привлечно во пластична амбалажа.

„Се селектираат хибридни сорти кои се отпорни на транспорт и имаат долга трајност, но со тоа се жртвува вкусот. Старите сорти кои беа полни со шеќер и арома, се губат“, објаснуваат агрономите.

Но, не е само до генетиката. Начинот на одгледување има огромно влијание врз квалитетот.

Брзорастечки плодови, поттикнати со прекумерна употреба на вештачки ѓубрива и хемикалии, често не добиваат време да се развијат природно.

„За еден килограм добра праска потребна е љубов, не само вода. Денешниот производ е нахранет за пазар, не за човек“, вели Јована, млада земјоделка од село Росоман, која упорно ги одгледува старите, речиси заборавени сорти праски и кајсии.

Потрошувачите, пак, се на крстопат – дали да го изберат она што изгледа убаво или она што вистински мириса и има вкус? Многумина се враќаат на селските пазари, бараат „бабини сорти“, а некои дури засадуваат мали овоштарници со надеж да си го вратат вкусот на детството.

„Не можам повеќе да ги јадам овие гумени јагоди од супермаркет. Засадив пет реда стари јагоди од времето на баба ми, и конечно се сетив што значи да ти се насмее срцето од еден залак“, ни кажува Ивица Маринков од Кавадарци.

Колку и да е напредна технологијата, природата не трпи брзање. Иако современото овошје се тркала без да се расипе со денови, се чини дека заедно со аромата, исчезна и нешто поважно – душата на плодот. А без неа, сѐ што останува е боја и форма – за слика, не за сеќавање.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП