28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРеформи во образованието за обезбедување соодветен кадар, бараат компаниите

Реформи во образованието за обезбедување соодветен кадар, бараат компаниите

stopanska komora pesev

Наместо преквалификувани млади луѓе подготвени во секој момент да ја напуштат државата, македонската економија има потреба од средно-стручен кадар со посебни вештини, велат компаниите. За тоа е неопходно сериозно редефинирање на образовниот процес, повторно воведување виши школи и запишување на постдипломси студии по минимум 2-3 години поминати во реалниот сектор.

Бизнис секторот укажува дека голем проблем е и мобилноста на работната сила поради лошата мрежа на локални патишта што резултира со нула стапка на невработеност во некои општини за сметка на други каде речиси никој не е вработен.

„Се наоѓаме во критична фаза која бара да се направат клучни промени. Произведуваме кадар иделаен за напуштање на државата. Особено загрижуваат амбициите за забрзан економски развој од 3-6 отсто во наредните четири години. Тоа ги става компаниите во прилично комплицирана позиција зашто недостига соодветна работна сила, според нивните потреби. Од анкетираните фирми, преку 60 проценти се изјасниле дека бараат средно-стручен кадар, а неполни 10 отсто високообразован“, истакна денеска на прес-конференција Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора.

„Веќе се изготвува листата на потребни профили за стопанството меѓу кои бравари, заварувачи, контролори, машински инженери, која, согласно состојбите“, посочи Пешев, веројатно ќе биде огромна.

И Светската банка во послениот извештај потврдува дека компаниите во Македонија се соочуваат со тешкотии да најдат луѓе адекватни на нивните барања.

„Во Македонија се уште е предизвик да се најдат соодветни работници кои одговараат на потребите на фирмите. Советот на странски инвеститори увиде дека постои потреба од специјализирани технички профили. Мора да се инвестира во соодветно образование со цел младите луѓе да стекнат вештини согласно потребите на пазарот на трудот“, истакна претседателот на Советот на странски инвестиции Хуан Педро Хименез Наваро.

Многу важен фактор, додаде, се и можностите за практикантство кое пред се треба да се прилагоди на работодавачите и да трае во текот на целата година, а не само во летниот период. Потребен е и поттик за обуки и на учениците, но и на менторите.

Обврзното изучување на стандардите за деловна етика и морал, како и информатика во сите четири години од средното школо се само некои од сугестиите и конкретните мерки на Стопанската комора која, како што нагласи Пешев, е подготвена да седне на заедничка маса со власта и надлежните институции. Комората предлага и финансиска поддршка за платите на стажантите барем одреден број месеци со оглед дека се на директен трошок на компаниите.

Одговорајќи на новинарско прашање дали можеби и бизнис секторот кој нуди минимални плати е одговорен за одлевањето на младите кадри од земјава, Пешев со став дека одредени компании навистина го злоупотребуваат делот на трудоинтензивна работна сила поради големата невработеност.

Тој смета дека Македонија не треба да се промовира како земја со најниски приходи по вработен. Ако државата сака да ја продолжи таквата политика, треба да најде начин како тоа да го субвенционира.

„Ако отворите инвестиција и понудите многу ниска плата, инвестицијата не ви се исплати. Македонија се наоѓа во Европа и цената на работната сила не може да е на сегашното ниво. Прашање на секунди е кога ќе се отвори целата приказна зашто има сериозни компании кои не се потпираат само на евтината работна сила, туку имаат исклучително високо ниво на додадена вредност. Секогаш сме се залагале и за потпишување договор кој ќе го регулира односот меѓу работникот и работодавачот“, посочи претседавачот на Собранието на Стопанската комора Антони Пешев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП