Сè поголем број млади и возрасни граѓани на Македонија заминуваат во странство, најчесто во Хрватска и Црна Гора, каде што работат на бродови, во хотели и ресторани. Причината е очигледна – добиваат повисоки примања, подобри работни услови и можност за пристоен живот.
Во последните години, економската миграција станува еден од најголемите предизвици за домашната економија. Заминувањето на работоспособната популација директно влијае врз продуктивноста, потрошувачката и развојот на локалните бизниси.
Дарко, 38-годишен поранешен келнер од Куманово, кој заминал да работи во хотел во Црна Гора, вели:
„Не ми беше лесно. Имам две деца, отидов да работам во хотел во Црна Гора. Не затоа што сакав, туку затоа што тука немав ни за школски прибор да им купам на децата. Ќе си дојдам назад, ама не знам кога.“
Како може државата да реагира?
Експертите и јавноста сè почесто предлагаат конкретни мерки кои би можеле да ја подобрат ситуацијата и да помогнат во задржувањето на работната сила:
- Формирање на државен фонд за задржување на работници, со субвенции за критичните сектори како угостителство, здравство, транспорт и туризам.
- Даночни олеснувања за компании кои што ги покачуваат платите и ги пријавуваат вработените целосно и транспарентно.
- Покривање на придонеси за млади до 30 години доколку се вработат во Македонија.
- Професионални обуки и преквалификации со поддршка од државата, проследени со сигурни вработувања во приватниот сектор.
Ваквите мерки би можеле да донесат долгорочна стабилност и да ја намалат потребата за заминување во странство, особено за оние кои би останале во земјава ако им се понудат фер услови за работа и живот.
Проблемот со иселувањето не е само економски, туку тој станува демографски, социјален и стратегиски. Решенија постојат, но потребна е политичка волја и системска посветеност.
Б.С.