Секој ден среќавам луѓе кои сметаат дека нивниот најголем проблем се парите. „Да земам поголема плата, ќе ми биде полесно“, „Да ми се зголеми кредитниот лимит, ќе се снајдам“, „Да ми простат една рата, ќе бидам на чисто“.
А вистината е сосема поинаква.
Парите не се проблемот, импровизацијата е проблем.
„Луѓето не западнуваат во финансиски проблеми затоа што немаат доволно, туку затоа што не знаат што прават со она што го имаат.“
Не е до износот, туку до навиката
Имам клиенти со 30.000 денари плата кои успеваат да заштедат, и клиенти со 100.000 денари кои се секогаш во минус. Разликата не е во тоа колку заработуваат, туку колку мислат однапред.
- Имате осигурување во март? Планирајте го уште во јануари.
- Имате летен одмор во јули? Започнете да одвојувате средства уште од јануари.
- Очекувате роденден, крштевка, подарок? Знаете дека ќе дојде. Немојте да се чудите за трошокот кога ќе дојде денот.
Животот секогаш ќе носи непланирани ситуации – но тоа не значи дека секоја ситуација треба да ја дочекуваме неподготвени.
Буџет не значи рестрикција, туку слобода
Кога ќе им кажам на луѓето: „Направете си месечен буџет“, веднаш мислат на забрана, на рестрикција, на жртва.
А всушност, буџетот ви дава слобода да трошите без грижа на совест, затоа што однапред сте одлучиле колку и за што ќе потрошите.
Буџет значи да имаш план, не да се откажеш од животот. Буџет значи дека кога ќе дојде некоја желба, нема да се запрашаш „дали можам?“, туку „дали планирав?“.
Финансиска зрелост е способноста да кажеш „не сега“
Многумина ја мешаат финансиската писменост со вештини за пресметка на камати, или разбирање на банкарски продукти, а тоа е само еден дел во целата приказна.
Вистинска финансиска зрелост е кога знаеш да си кажеш:
- „Овој месец не ми треба нова јакна, затоа што следниот месец ми доаѓа обврска да платам каско.“
- „Оваа година ќе одам на одмор поблиску, затоа што сакам да запишам курс.“
- „Ќе почекам за нов телефон, затоа што плаќам друг долг.“
Тоа не значи дека не можеш да си уживаш, туку значи дека уживањето не ти е непријател на стабилноста, туку нејзин сојузник.
Ако треба да запомните само една работа од оваа моја колумна, нека биде следново:
Не е страшно ако не знаете сè за финансиите. Страшно е ако не сакате ништо да испланирате.
Има многу луѓе кои заработуваат добро, но живеат под стрес. Има и такви кои не заработуваат многу, ама знаат каде им оди секој денар и се многу помирни со себе.
Парите не го решаваат секој проблем, но знаењето како да ги управуваш, сигурно ќе го реши половина.
Вашиот Личен банкарски советник,
Бранко Стојкоски