Цените за перење автомобили во Скопје нагло скокнаа, а дел од граѓаните велат дека веќе не знаат дали влегле во перална или во салон за луксузни третмани.
Едно основно надворешно и внатрешно перење веќе достигнува и до 700 денари – износ што за многумина е недостижен во услови на економска нестабилност и секојдневно поскапување на сите услуги.
Случајот на скопјанката Марина Лазаревска предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Таа отишла со своето „Фиат Пунто“ во една автопералница на булеварот Илинден, мислејќи дека ќе плати стандардни 300-400 денари. Но била крајно изненадена и револтирана кога ѝ биле побарани цели 700 денари за, како што вели, „обично миење со шампон и брзо внатрешно бришење“.
„Мислев вработениот ме лаже за цената, па директно му се јавив на газдата. Ми потврди дека тоа е редовна цена, а кога му реков дека тоа е апсурдно, ми одговори дека имале ‘повисок квалитет’. Јас не видов ништо посебно, а плаќав како да сум возела џип од 100.000 евра“, раскажува Марина.
Ова не е изолиран случај. На терен, забележливо е дека сè повеќе перални го користат моментот на зголемен сообраќај и пролетно „освежување“ на возилата за да ги подигнат цените.
Основното перење кое до неодамна чинеше 250-350 денари, денес ретко каде се наоѓа под 500 денари. Дополнителни услуги како миење подвозје или нанесување сјај на гуми, се наплаќаат одделно.
„Работам секој ден по 12 часа и ми е невозможно сам да си го перам автомобилот. Се навикнав да давам по 400 денари еднаш неделно. Но ова сега е безобразлук. Перењето не вреди повеќе од 400 денари“, вели Александар Мицев, возач на комбе за достава.
Сопствениците на пералните, пак, велат дека трошоците драстично се зголемиле.
„Цените на средствата за перење, водата, електричната енергија и платите на работниците се качени. Ние не можеме да работиме со загуба“, изјави Аце, сопственик на автоперална во Карпош. „Многумина не сфаќаат дека ова не е само прскање со вода – нашите луѓе детално чистат и користат квалитетни препарати“.
Но граѓаните не се убедени дека цената е оправдана. Велат дека не добиваат услуга која е двојно подобра од порано – а плаќаат двојно повеќе.
Социјалните мрежи се преплавени со коментари, а некои дури и предлагаат бојкот на најскапите перални. Други, пак, се враќаат на старите навики – кофа, сунѓер и миење во двор.
„Можеби е време пак да се вратиме на рачно миење. Барем ќе знаеме за што даваме пари и колку е чисто“, вели Даниела Стојановска, самохрана мајка од Влае.
И додека едни ја прифаќаат „новата реалност“, други бараат инспекциски контроли за да се утврди дали навистина цените се оправдани или станува збор за тенденциозно надувување во време кога секој денар е важен. За сега, останува само незадоволството – и валканите автомобили.
Б.З.М.