Забоболката може да биде предизвикана од кариес, апсцес или фрактура на забот, воспалени непца, чкрипење со забите, агресивно џвакање, скорашна дентална процедура и сл. Интензитетот и типот на болката варираат, па таа може да се манифестира како чувствителност на топло/ладно или при директен допир на забот, или пак, да биде пулсирачка, остра или константна блага болка. Посетата на стоматолог е задолжителна при појавата на забоболка и тука важи правилото „колку поскоро, толку подобро“. Но, во моментите кога не можете да стапите во контакт со стоматолог, можете да искористите некој од следниве трикови за ублажување на болката:
Каранфилче. Маслото од каранфилчиња е најпопуларен домашен лек за забоболка. Ако имате етерично масло од каранфилчиња, нанесете 1-2 капки на забот, но внимавајте да не го голтате. Доколку немате масло, ќе ви помогне и употребата на каранфилчиња. Земете 1-2 каранфилчиња, ставете ги во устата за да омекнат и притиснете ги нежно со забите за да испуштат малку од своето масло.
Плакнење со топла солена вода. Во чаша со топла вода ставете една лажичка сол и промешајте. Исплакнете ја областа околу забот, односно отстранете ги евентуалните остатоци од храна.
Држете ја главата подигната нагоре. Подигањето на главата ќе го намали притисокот во областа околу забот и може да ја ублажи пулсирачката болка.
Лук. Земете едно чешне лук, згмечете го и ставете ги директно врз забот. Лукот има својства на аналгетик и антисептик, па може да ви помогне да ја намалите болката.
Ладни облоги на образот. Во газа ставете неколку коцки мраз и како облога поставете ги на образот на истата страна каде што се наоѓа болниот заб. Мразот ќе ви го здрви околното место, па полесно ќе ја поднесувате болката.
Плакнење со 3% хидроген. Користете трипроцентен раствор на хидроген кога имате болка причинета од растење на нов заб или болка во непцата. Хидрогенот ќе ги отстрани сите остатоци од храна и ќе ви ја ублажи болката.
Кесичка од чај. Поставете на забот искористена кесичка од чај уште додека таа е топла. Ова е популарен народен лек за кој се верува дека помага против забоболка.
Гума за џвакање за поткршен заб или падната пломба. Ако имате поткршен заб или падната пломба, покријте ја изложената област со изџвакана мека гума за џвакање без шеќер за да ја намалите болката. Гумата за џвакање може да ви помогне и да фиксирате лабава разнишана пломба. Во ваков случај, најдобро е да го избегнете џвакањето со цел да не ја влошите состојбата.
Средство против болка. Се разбира, кога болката е неподнослива, можете да ја елиминирате со аспирин или друг лек за таа намена.