ЗДРАВЈЕ

Зошто некои настани ги паметиме цел живот? Научниците го имаат одговорот – се крие во еден хормон

Стресот обично го поврзуваме со негативни последици по здравјето, но неговата улога во функционирањето на мозокот е посложена отколку што изгледа.

Ново истражување покажало дека кортизолот, хормон кој се ослободува во стресни ситуации, може да влијае врз тоа кои настани ќе ги запомниме подобро.

Научниците откриле дека кортизолот го менува начинот на кој меѓусебно комуницираат мозочните мрежи поврзани со емоциите и меморијата. Ова би можело да објасни зошто некои емоционално интензивни искуства остануваат во нашето сеќавање подолго од другите, пишува „Popular Mechanics“.

Не е секој стрес штетен

Кога мозокот ќе препознае закана, активира краткотрајна биолошка реакција позната како „бори се или бегај“. Организмот може да се справи со ваквите епизоди доколку по нив следува период на одмор, како што е квалитетниот сон. Проблемот настанува кај хроничниот стрес, кој може да трае со месеци или години и често е штетен.

Сепак, краткотрајниот стрес може да ја подобри меморијата благодарение на кортизолот. Научниците и претходно знаеле за поврзаноста меѓу кортизолот и памтењето, а тим од американскиот универзитет „Yale“ сега истражувал зошто некои сеќавања избледуваат, додека други остануваат трајно запаметени.

„Стресот силно влијае врз учењето и памтењето. Во такви ситуации мозокот им дава предност на обработката на емоционално набиените информации, кои се клучни за преживувањето, додека ги занемарува неутралните содржини“, објасниле истражувачите во студијата објавена во списанието „Science Advances“.

Тие додаваат дека овие предности се поврзани со зголеменото ниво на хормоните на стресот.

Како настануваат емоционалните сеќавања?

Емоционалните сеќавања се создаваат во два чекора. Најпрво, мозокот означува одреден настан како емоционално важен, а потоа го кодира за долгорочно складирање, за да можеме подоцна да се потсетиме на него.

Кортизолот влијае врз двата процеса. Кога во услови на стрес ќе се случи нешто емоционално значајно, мозокот ги пренасочува ресурсите кон обработка на тој настан, што ја менува активноста во целата мрежа на неврони.

Претходните истражувања покажале дека кортизолот може да ги засили ефектите на невроните поврзани со возбудата. Интересно е што самата силна возбуда може да го ослаби памтењето, но во комбинација со стресот може да го подобри.

Мозокот користи и различни невронски мрежи за емоционалните и неутралните сеќавања, а кортизолот може да го промени начинот на кој тие мрежи меѓусебно комуницираат.

Како било спроведено истражувањето?

Тимот од „Yale“ спровел експеримент за да утврди како кортизолот влијае врз силата и трајноста на сеќавањата.

Учесниците добиле или таблета хидрокортизон, фармацевтска форма на кортизол, или плацебо. Потоа гледале серија фотографии со потенцијално емоционална содржина, додека уред за функционална магнетна резонанца (fMRI) ја следел нивната мозочна активност.

Учесниците истовремено оценувале како се чувствуваат при гледањето на секоја фотографија. Бидејќи функционалната магнетна резонанца го следи протокот на крв и нивото на кислород, истражувачите можеле да утврдат кои фотографии најсилно ги активирале деловите од мозокот одговорни за емоционалните реакции.

Следниот ден било проверено колку добро се сеќаваат на секоја фотографија, по што експериментот бил повторен.

Што откриле снимките на мозокот?

Анализирајќи ги снимките на мозокот, научниците испитувале кои негови делови се поврзани со емоционалните реакции на учесниците и нивната способност да ги запаметат прикажаните фотографии.

Откриле дека кортизолот влијае врз двете групи мозочни мрежи, но на различни начини.

Додека учесниците создавале нови сеќавања, кортизолот ја засилувал и стабилизирал активноста на мозочните мрежи поврзани со емоционалната возбуда. Ова особено се однесувало на фронтопариеталната мрежа, која помага во координирањето на различни активности и однесувања, како и на визуелната мрежа, одговорна за обработка на она што го гледаме.

Кортизолот ја подобрил и поврзаноста меѓу различните мозочни мрежи и го зголемил бројот на области чија активност била поврзана со емоционалната возбуда.

Хормонот влијаел и врз мозочните мрежи поврзани со памтењето. Кај учесниците кои примиле кортизол, мрежите одговорни за памтењето и обработката на емоциите функционирале поинаку отколку кај оние кои добиле плацебо. Освен тоа, нивната активност повеќе се преклопувала, што укажува на подобра поврзаност меѓу овие мрежи.

Научниците откриле и дека мозокот на учесниците кои примиле кортизол им давал предност на памтењето на фотографиите што предизвикале посилни емоции.

Ова покажува еден од начините на кои мозокот се приспособува на стресот и помага да се објасни зошто емоционално интензивните настани често ги паметиме подобро.

„Кортизолот ги преобликува мозочните кола одговорни за памтењето. Ги приспособува така што им даваат предност на складирањето емоционално возбудливи дразби и ги поврзуваат со колата што ја регистрираат возбудата. Потребни се дополнителни истражувања за да се потврдат овие резултати, но тие веќе помагаат да се објасни како кортизолот влијае врз функционирањето на мозокот и создавањето емоционални сеќавања“, наведуваат истражувачите.