ЗДРАВЈЕ

Не е сеедно кое парче месо го купувате, што препорачуваат нутриционистите?

Месото може да биде важен дел од урамнотежената исхрана, но не сите видови и парчиња се подеднакво корисни за здравјето. Нутриционистите истакнуваат дека најздрав избор главно е посното месо со ниска содржина на заситени масти, кои во прекумерни количества можат да го зголемат ризикот од срцеви заболувања.

Изборот на соодветно парче месо и начинот на неговата подготовка се клучни за нутритивно богат оброк. За кои видови месо станува збор и како да се извлече максимумот од нив, нутриционистите објасниле за порталот „Real Simple“.

Пилешки гради без кожа

Пилешките гради без кожа се популарен извор на посни протеини. Нутриционистката Мариса Карп вели дека тие „се одлични за одржување на чувството на ситост, помагаат во обновувањето на мускулите и придонесуваат за стабилно ниво на шеќер во крвта“.

Таа додава дека пилешките гради се одличен извор и на ниацин, витамин од групата Б, кој му помага на организмот да ја претвори храната во енергија, како и на витамин Б6, кој ја поддржува функцијата на мозокот и здравјето на имунолошкиот систем.

Ерик Финли, професор по здравствени науки на Универзитетот „Lindenwood“, ја истакнува разновидноста на оваа намирница.

„Можете да ги печете на скара, да ги исечкате, да ги подготвите во рерна или да ги додадете во супи и тортиљи“, вели Финли.

Пилешки батаци без кожа

За оние што сакаат побогат вкус, добра опција се пилешките батаци без кожа. Во споредба со пилешките гради, тие содржат нешто повеќе масти, што помага чувството на ситост да трае подолго, наведува Мариса Карп.

„Малку повисоката содржина на масти значи и дека месото останува сочно и меко, па затоа е омилен избор кога сакате нешто вкусно и заситувачко, а сепак хранливо“, објаснува Карп.

Покрај посните протеини, како што истакнува таа, батаците се „богати со важни хранливи материи, како железо, цинк и витамини од групата Б, кои придонесуваат за енергијата и имунитетот“.

Особено се вкусни во јадења што се подготвуваат со бавно готвење.

Јагнешки бут

Нутриционистката Лорен Манакер смета дека јагнешкото месо е одличен избор за оние што бараат хранливо месо со богат вкус. Јагнешкиот бут е особено посен, а добар избор се и јагнешкиот грб и плешката.

Манакер истакнува дека јагнешкото месо генерално е одличен извор на протеини, железо, цинк, кој е важен за имунитетот, и витамин Б12, кој придонесува за енергијата и функцијата на мозокот.

„Ако досега не сте подготвувале јагнешко, започнете со едноставна маринада од маслиново масло, лимон и зачини“, предлага таа. Потоа месото може да се испече во рерна за да се добие заситувачки и хранлив оброк.

Мелено јунешко месо

За љубителите на месо со поинтензивен вкус, препораката е мелено јунешко месо од животни одгледувани на пасишта.

Нутриционистката Ејми Шапиро вели дека во споредба со традиционалното говедско месо, „јунешкото од животни одгледувани на пасишта содржи повисоки количества омега-3 масни киселини и конјугирана линолеинска киселина (CLA), кои имаат противвоспалителни својства“.

Таа додава дека тоа е „одличен извор на колаген и есенцијални аминокиселини што го поддржуваат здравјето на зглобовите“.

Шапиро препорачува меленото јунешко месо да се користи во јадења подготвени во вок-тава, такоси или бургери.

Мелено мисиркино месо

Меленото мисиркино месо со 93 или 99 отсто посно месо е уште една сигурна и здрава опција, посочува Ерик Финли.

„Содржи помалку масти од многу други извори на протеини, но и понатаму е богато со хранливи материи, како селен и витамини од групата Б“, објаснува тој.

Мариса Карп додава дека мисиркиното месо има „разновидна примена и благ вкус, што го прави совршено за различни јадења“.

Одлично се вклопува во бургери, такоси, чили или јадења со тестенини, а од него можат да се подготват и ќофтиња со ориз, погодни за замрзнување.

Мисиркини гради без кожа

Мисиркините гради без кожа се посни и богати со хранливи материи. Нутриционистката Тајиба Могал вели дека тие „содржат многу протеини, витамини од групата Б, селен и цинк“.

За месото да остане меко и вкусно, Могал предлага да се пече во рерна или на скара. Потоа може да се користи во тортиљи или салати.

Рамстек

Рамстекот содржи помалку заситени масти од многу други парчиња јунешко месо, а истовремено обезбедува важни хранливи материи.

„Содржи железо, цинк, витамин Б12 и протеини – хранливи материи што помагаат во одржувањето на мускулите и нивото на енергија“, вели Тајиба Могал.

Таа советува рамстекот да се пече на скара или во рерна, а потоа да се послужи со печен зеленчук или интегрални житарки. Може да се искористи и за подготовка на ролнички од зелена салата со стек, сусам и млад кромид.