Ново истражување објавено од Американското здружение за срце ги поврзува енергетските пијалаци и додатоците во исхраната со стимулативно дејство со сериозни срцеви проблеми, вклучувајќи срцеви удари и ненадеен срцев застој.
Наодите се темелат на анализа на повеќе од 28.000 извештаи доставени до Американската агенција за храна и лекови во периодот од 2017-та до 2025-та година.
Во текот на студијата, истражувачите ги испитувале извештаите за проблеми поврзани со срцето, меѓу кои срцеви удари, ненадеен срцев застој и неправилен срцев ритам.
Откриле дека возрасните на возраст од 18 до 34 години кои ги имале овие проблеми почесто консумирале енергетски пијалаци со кофеин или додатоци во исхраната што содржат стимуланси, како што се прашоци што се користат пред тренинг.
Помладите возрасни лица се изложени на поголем ризик
Според истражувачите, срцевите удари биле околу 4,5 пати почесто поврзани со енергетските пијалаци и додатоците во исхраната што содржат стимуланси.
Неправилниот срцев ритам, особено вентрикуларните аритмии, како и срцевите палпитации, биле околу четири пати почесто поврзани со високиот внес на кофеин.
Студијата открила и поврзаност меѓу консумирањето енергетски пијалаци и други проблеми со срцето. Така, била утврдена речиси трипати поголема веројатност за забрзана работа на срцето, 2,71 пати поголема веројатност за болка во градите и речиси двојно поголема веројатност за несвестица.
Генерално, наодите отвораат прашања за можните ризици за срцето од консумирањето енергетски пијалаци и додатоци во исхраната со висока содржина на кофеин, особено кај помладите возрасни лица.
Лекарите со предупредување до помладите пациенти
„Нашите наоди ги поддржуваат аргументите за посистематско следење на безбедноста на производите што содржат кофеин и стимуланси“, изјавил авторот на студијата, Сај Самајамантхула од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Вирџинија.
Тој додал дека здравствените работници треба да ги прашуваат помладите пациенти кои имаат срцеви палпитации, болки во градите или несвестици дали неодамна или редовно консумирале вакви производи.