4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДенар анализа: За седум години просечната плата пораснала за 16 илјади денари,...

Денар анализа: За седум години просечната плата пораснала за 16 илјади денари, но трошоците за основните потреби се зголемени за 25 илјади денари!

Колку вреди денешната просечна плата. Преку анализа на состојбите денеска и пред седум години ќе се обидеме да ја претставиме реалната слика за тоа како статистички растеа платите на вработените, но и за колку поскапе животот. Дали македонските граѓани веќе научија да живеат во скапотија или висината на нивните месечни примања се доволни за задоволување пред се на основните па потоа и на останатите животни потреби. Во анализираниот период месечната просечна плата е порасната за над 250 евра, но трошоците за живот во исто време се зголемени за без малку 25 илјади денари на месечно ниво за едно четири члено семејство.

Оваа анализа ја започнуваме со најновите податоци за исплатената просечната нето плата во Македонија која без два денари изнесувала 40 илјади денари во месец декември ланската година.

Статистичарите пресметале дека во однос на декември 2022 гтодина растот на просечната плата во земјава изнесува дури 16 отсто, а тоа се должи на зголемувањето на платите во јавната управа и одбрана за 27 отсто, потоа идентично зголемување на платите има во енергетските компании, а пак во градежниот сектор зголемувањето на платите е 22 отсто.

Во декември 2017 година просечната плата изнесувала 23 850 денари, во однос на истиот месец во 2016 година растот на месечната плата изнесува нешто повеќе од еден отсто. Во последниот месец од 2017 година најмногу пораснале платите во преработувачката индустрија или речиси 10 отсто, кај вработените во сместувачките капацитети и дејностите поврзани со подготовка на храна растот изнесува 8,3 отсто.

Од декември 2017-та до декември 2024 година месечната просечна плата се зголемила за 16 150 денари.

Овие податоци за растот на просечната плата изгледаат многу убаво и охрабрувачки во време кога светот се соочуваше со неколку годишна криза, како од здравствена, политичка, енергетска, ценовна и воена криза. Сето тоа предизвика нарушување на пазарите, затворање на фабрики, преструктуирање на дејности, во целост еден голем хаос на глобалната економија. А македонската економија како мала и во развој не можеше да остане имуна на ваквите надворешни влијанија. Па затоа сега ќе ги споредиме и трошоците на живот кои ги плаќаат граѓаните пред неколку години и сега.

Овој пат започнуваме со трошоците на граѓаните кои ги пресметува Сојузот на синдикати на Македонија. Нивната последна пресметка е за јануари 2024 година, и тоа за минималната потрошувачка кошничка која изнесува близу 1000 евра, или поточно 57 163 денари.

Податоците велат дека само за еден месец има зголемување на трошоците за набавка на основните животни потреби од 641 денари. Доколку семејството плаќа и кирија за стан тогаш сумата за еден месец надминува 72 илјади денари. Најголемиот дел од семејниот буџет е резервиран за набавка на храна и плаќање на режиските трошоци, односно за храна се потребни 21 илјади денари, а пак за сметки потребни се околу осум илјади денари.

Статистичарите пресметале дека за транспорт на граѓаните се потребни речиси пет илјади денари месечно за целото семејство, а висока ставка има и за образование нешто над седум илјади денари. За одржување на домот денеска требаат близу две илјади денари, а пак за здравствени услуги, оние најосновните нешто над илјада денари.

Кога ќе ги споредиме овие податоци со оние од 2017-та година може да се забележи дека месечната синдикална потрошувачка кошничка е поскапена за речиси 25 илјади денари. Податоците на синдикатот покажуваат дека денеска требаат дури осум илјади денари повеќе за набавка на основните прехранбени производи, односно во декември 2017 година потребни биле 13 илјади денари за храна и безалкохолни пијалаци на месечно ниво. Потоа, за две и пол илјади денари се повисоки режиските трошоци, превозот е поскап за над две илјади денари, посетата на културни манифестации сега е луксуз, бидејќи за три пати сега е поскапо отколку во декември 2017 година.

Како заклучок од оваа анализа може да се напомене дека просечната плата во периодот декември 2017 – декември 2024 година е зголемена за 67 отсто. Но, трошоците на живот или синдикалната потрошувачка кошничка е поскапа за над 75 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП