19 септември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтранските инвеститори најпримамливи за македонските работници, домашните приватни фирми бараат кадар од...

Странските инвеститори најпримамливи за македонските работници, домашните приватни фирми бараат кадар од странство, синдикатите апелираат – активирајте ги социјалците!

Додека приватниот сектор во земјава кубури со квалификуван кадар, се почести се најавите од страна на властите дека ќе се увезуваат работници од далечни држави каде платите се пониски од нашите. Сепак, последните информации кои пристигнуваат од Илинденска број 2 велат дека државата нема многу механизми за тоа како да се реши проблемот, освен да намали бирократски процедури. За разлика од домашните приватни компании, странските инвеститори во Македонија велат дека не се соочува со големи проблеми, туку потребата од работници ја наоѓаат од пазарот на труд во Македонија.

Во земјава има доволно способни и вешти луѓе кои може да бидат ангажирани во високотехнолошка компанија, велат за Денар од ТИРЗ. Ова уверување надлежните го базираат и на фактот што само во изминативе шест години бројот на вработени во зоните е зголемен од 6,500 на над 16000. Првиот човек на индустриските зони Јован Деспотовски додава дека има и доста компании кои спроведуваат интерни обуки односно испраќаат работници од Македонија на неколку месечни обуки во матичните компании, се со цел работниците да добијат целосна обука и да бидат 100 отсто подготвени на работното место.

„Инвеститорите со вистинска понуда и надомест можат да ја најдат потребната работна сила. Сега секако дека е предизвик тоа што носиме инвеститори кои користат напредни технологии за кои се потребни специфични квалификации. Покрај нашата директна соработка со универзитетите и стручните средни училишта, сега и директно ги поврзуваме самите инвеститори со универзитетите со цел да развијат заеднички проекти во креирањето кадар по мерка на компаниите. Дополнително развивме и нова мерка за поддршка на компаниите наменета за обука на вработените со која државата им покрива до 50% од трошоците за оваа намена. Со овие програми ќе се влијае и врз зголемување на продуктивноста, а е наменета и за развој на нови вештини“, вели Јован Деспотовски.

Во последниве две години Деспотовски вели дека согласно новиот концепт за привлекување на инвестиции фокусот на напредно-технолошки компании, е потребната работна сила да биде со повисоко ниво на образование и вештини кои пак носат и повисоко платени работни места. Компаниите во ТИРЗ несомнено и во следните години ќе имаат влијание врз пазарот на труд, особено во делот на работна сила со повисоко ниво на образование. Само во изминативе две години се постигнати договори од над 620 милиони евра инвестиции кои треба да донесат над 3.500 нови работни места во следните пет години.

„Германската фармацевтска компанија Гересхајмер која е најголемата поединечна гринфилд инвестиција во земјава од 126 милиони евра, има високоавтоматизиран процес на производство, и потреба од инженери и лица со специфично ниво на образование, но и добро платени работни места со просечна плата од над 1000 евра“, додава Деспотовски.

Во Македонија во моментов работат три илјади странци, а според постоечкиот закон место има за уште две илјади работници од странство. Од Владата велат дека никаде во светот владата не ја „води оваа игра“ туку може само да ги подобри правилата. Преку законски измени и зголемување на бројот на работници од странство би можеле бизнисмените од земјава да имаат алтернатива во обидот да ангажираат квалификувани работници, во случај ако нема домашни.

„Додека ние дискутираме е затворена, веќе ги има. Додека ние дискутираме, приватниот сектор веќе ги наоѓа решенијата сам. Но, јавната расправа, сакале ние како носители на јавни функции се одвива. Подобро да разговараме отколку да оставиме стихијно да се случуваат работите“, велат од владата.

Најголемото синдикално здружение ССМ е на став дека не треба да се увезува рабиотна сила, туку дека треба да се мотивираат работниците да останат во Македонија. Повисоките плати се лек за оваа болест, велат синдикалците. Потребно е да се вработат дел од тие 14 отсто невработени лица кои се пријавени во Агенцијата за вработување, но и да се ангажираат социјалните случаи, па наместо социјална помош да добиваат просечна плата. Тоа сигурно ќе им се исплати.

„Ние предупредуваме на ова, дека во секоја област на државата ни фалат работници, особено во градежништво, угостителство и туризмот, а државата спиеше. Моментално фалат работници буквално секаде: јавен сектор, приватен сектор имаме недостиг на работници. Имаме информации дека моментално текстилни компании даваат парични награди на моментално вработените доколку привлечат нови вработени. Во администрација ни фалат стручни кадри: ни фалат ИТ инженери, правници, економисти, архитекти, цивилни инженери“, велат од ССМ.

Работодавачите од домашните приватни фирми велат дека увозот на кадар во земјава ќе биде неминовен процес. Според нив ова требаше да се стори многу одамна, бидејќи иселувањето на граѓаните не се случува од вчера, нашите граѓани си бараат подобар живот во некоја од западно европските држави, а на овие простори доаѓаат луѓе кои живеат во некои помалку развиени земји.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП