24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните плаќаат за поевтина струја на бизнисот, а на бизнисмените не им...

Граѓаните плаќаат за поевтина струја на бизнисот, а на бизнисмените не им текнува да ги намалат цените!

Субвенционираната струја за прехранбениот сектор не ги намали трошоците за набавка на храна кај домаќинствата. Потврда за тоа даде и извештајот на Државниот завод за статистика. Статистичарите пресметале дека во декември лани во однос на ноември трошоците за живот се намалиле за незначителни 0,2 отсто, а пак цените на мало пораснале за 0,7 отсто. Од друга страна податоците велат дека на годишно ниво или декември лани во однос на истиот месец 2021 година трошоците за живот на граѓаните се поголеми за 18,7 отсто, а пак цените на мало зголемени за 15,1 отсто.

Граѓаните се гневни дека се уште се чека намалувањето на цените, властите велат дека ќе реагираат преку инспекторатите, експертите пак предупредуваат дека и годинава ќе биде тешка за задржување на куповната моќ.

Во декември лани трошоците за набавка на храна и безалкохолни пијалоци наместо да се намалуваат тие се зголемиле за 27 отсто во однос на истиот месец 2021 година. Најновиот извештај на државните статистичари покажува дека има зголемување и кај алкохолните пијалоци и тутунот за безмалку девет отсто. Во анализираниот период трошокот на граѓаните за леб и житата се зголемени за цели 40 отсто, месото за 28 отсто, млекото сирењето и јајцата за 36 отсто, маслата за јадење за 24 отсто, рибата за 16 отсто. Што се однесува до овошјето и зеленчукот тие за една година  поскапеле за речиси 15 отсто.

А нова пресметка објави и Сојузот на синдикати на Македонија за минималната кошничка за едно четири члено семејство. Во декември 2022 година во однос на истиот месец 2021 година за најосновните производи и услуги неопходни се 51 200 денари. Од нив само за набака на основните прехранбени производи, без никакви луксузи се потребни 19 200 денари. Ставката храна во пресметката на синдикалната кошничка изнесува 44 отсто.  

Од владата пред празниците излегоа со став дека будно ќе ја следат состојбата и доколку нема надолна корекција на цените ќе има засилени инспекциски контроли и санкции за непочитувачите на правилата.

Експертите сметаат дека  во вакво време на висока инфлација е клучно да постои хармонизацијата помеѓу политиките на фискалната и монетарната власт.

„Како дел од стратегиите е вие да имате, за сметка на висока инфлација поголем економски раст, зборуваме за сериозен економски раст, а не да се движи еден или два или три проценти кои ние го движиме триесетина години, или пак да ја држите на ниско ниво инфлацијата како успешно како систем ја правиме за сметка на тој низок раст. Јас сум секогаш на став дека можеби на стопанството треба да му се даде еден позитивен „пуш“ од самата економија или структура и некогаш е одржливо и двоцифрена инфлација доколку растот оди нагоре“, вели Синиша Наумовски од Академијата за банкарство.

Од Народната банка пак соопштија дека будно ја следат кризната ситуација и се подготвени да преземат натамошни чекори за да има сигурност на среден рок како и ценовна стабилност. Тоа според Народната банка е предуслов и за одржлив економски раст и за подобар живот на граѓаните. Догодина тие очекуваат постепено забавување на инфлацијата.

„Целта на овие промени е да го стабилизираме растот на цените, да спречиме намалување на куповната моќ на граѓаните и да обезбедиме предвидливост во носењето на одлуките. Всушност, тоа го правиме успешно во изминатите три децении, период во којшто само во неколку наврати кај нас се забележани повисоки стапки на инфлација. Овие епизоди, како и сегашната, во голема мера беа одраз на надворешни шокови коишто влијаеја врз нашата мала, отворена и енергетски зависна економија, но и на структурните слабости на економијата на кои во изминативе декади не им беше обрнато соодветно внимание. Низ годините, Народната банка успешно им одговараше на овие предизвици и со своите мерки и политики доследно се придржуваше кон своите цели – стабилна валута и стабилни цени“, соопштија од Народната банка.

Со субвенционирана струја од 80 евра за мегават час за прехранбениот сектор владата реши да го помогне безнисот но даде услов тие своите производи да ги намалат за 10-на отсто. Освен маслото за јадење и дел од векните леб нема друго забележително намалување на цените. Сега стопанствениците се жалат дека им се скапи и суровините кои се увезуваат во Македонија. Доколку суровините се без царина би можеле да ги намалат цените, изјавија од прехранбената индистрија. Засега нема таква најава од Илинденска број два.

Поради инфлацијата, Народна банка изминатава година во неколку наврати постепено ја зголемуваше основната каматна стапка, која достигна 4,75 проценти. Ова повлекува поскапување на комерцијалните кредити, но од друга страна, депозитите ќе ги направи попривлечни. Економистите велат дека во вакво време е клучна хармонизацијата меѓу политиките на фискалната и монетарната власт.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП