19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФирмите ги одбројуваат деновите на опстанок, домаќинствата на раб на егзистенција, мерки...

Фирмите ги одбројуваат деновите на опстанок, домаќинствата на раб на егзистенција, мерки нема ни за лек!

Граѓаните и компаниите останаа без конкретни мерки по вчерашниот Економски совет на владата. Нема нов пакет антикризани мерки за ранливите категории граѓани, без соодветна помош останаа малите и средни претпријатија, а големите потрошувачи кои се уште не затвориле, ги бројат деновите кога ќе донесат одлука за стопирање на производството. Претставниците на работниците и граѓанскиот сектор бара од владата ваучери за набавка на храна и за струја. Фирмите бараат помош во однос на набавката на евтина електрична енергија.

Следната среда е нов термин кога повторно на заедничка маса ќе бидат властите, бизнисмените и синдикалците. Доколку за брзо време нема решение за работниците, од ССМ стравуваат дека граѓаните нема да можат да функционираат во Македонија и спасот ќе го бараат што поскоро во некоја од западно европските држави, каде се уште има потреба од работна сила која е достоинствено платена. Подолг период најголемиот синдикат се обидува да им долови на властите дека работниците не можат да опстанат со платите, но и покрај неколку месечните протесети, Владата нема слух за ССМ.

„Имајќи во предвид дека инфлацијата од 16% ја обезвреднува вредноста на платите и од тука износот од 18.000 денари колку што изнесува минималната плата во Македонија има реална вредност од 15.120 денари, а износот на просечната нето плата од 31.525 денари има реална вредност од 26.481 денари со што значително е осиромашен македонскиот работник и граѓанин. Аларматно е тоа што погрешните владините мерки и политики за само 5 месеци од зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, повторно ја вратија вредноста на истата на нивото пред март 2022 година односно со една минимална плата работниците да можат да си дозволат само леб и вода“, велат од ССМ за Денар.

Од Стопанската комора каде членуваат 1600 големи компании кои струјата ја купуваат од слободниот пазар потврдуваат дека дел од нив веќе ставија клуч на нивните производствени капацитети. Од најголемото бизнис здружение во Македонија посочуваат дека без државна поддршка 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени, приход од 1 милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра. Оваа сума драстично ќе влија врз ликвидноста и конкурентноста на овие компании, додаваат од комората.

„Започнат е процесот на намалување на вработените, редуцирање на производството и на затворање на капацитетите. Ескалацијата ќе биде во наредните два месеци кога се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година. Оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат, фирмите излез бараат во враќањето на регулираниот пазар“, сметаат од Стопанска комора

Свој став имаат и академиците. Научната фела смета дека први помош од државата треба да добијат ранливите категории на граѓани. Според нив мора да им се помогне на сиромашните семејства се со цел да нема продлабочување на сиромаштијата. Од Народната банка пак сметаат дека зголемувањето на каматните стапки од страна на голем дел од централните банки ширум светот ќе делува на ублажување на ценовниот раст. Поради тоа се очекува и намалување на стапката на инфлација. Дури потоа граѓаните ќе почуствуваат намалување на цените на примарните производи.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП