30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиндикатот зачуден од ставот на експертите кои се против скалесто зголемување на...

Синдикатот зачуден од ставот на експертите кои се против скалесто зголемување на платите на работниците!

Во владата на големо течат преговорите за скалесто зголемување на платите во стопанството, јавниот сектор и во администрацијата. Според информациите, синдикалците инсистираат што побрзо да се зголемат платите на работниците следејќи го растот на минималецот. И властите покажале интерес тоа да се случи во догледно време. Информациите велат дека работодавачите се со поделени ставови засега, дел сметаат дека мора веднаш да ги зголемат останатите плати на вработените, а дел дека е рано во следниве неколку месеци со оглед на новата криза во Европа и светот. Само експертите, професори и академици, кои биле повикани во владата на последниот состанок истакнале дека засега нема простор за повисоки плати во земјава.

Сојузот на синдикати на Македонија е разочаран од односот на дел од експертската јавност која на Економскиот совет во Владата излегоа со став дека се против скалесто зголемување на платите во Македонија. Од синдикатот велат дека работат во насока согласно Законот за минимална плата да обезбедат поголема плата за сите работници. Потоа, синдикалците сметаат дека потребно е да се најде прифатливо решение од кое бенефит ќе има работникот, а нема да биде оштетен работодавачот и државата како социјален партнер.

„За жал дел од експертите како најголем проблем во моменталната состојба со ценовниот шок, недостатокот на нафтени деривати, воената криза и слично, го гледаат во покачувањето на минималната плата и покачувањето на пензиите и сметаат дека Владата не требало да им удоволува на синдикатите и работниците поради тоа што очекувањата или како што велат апетитите сега се  зголемувале и сега сите ќе барале поголеми плати иако тие како експерти примаат неколку кратни зголемени износи на минималната плата од 18.000 денари и не се многу засегнати ниту со поскапувањето на цените ниту со потребата од преживување поради тоа што како експерти живеат во комфорна зона со нивните плати и други примања. Затоа ССМ бара тоа што е пропишано со закон за работниците, а законот мора да се почитува и да ги усогласиме скалесто – зголемиме сите плати согласно порастот на минималната плата како што е предвидено со Законот за минималната плата. Од тоа одстапки нема, посебно кога знаеме дека секој ден со голема брзина се менуваат цените на сите производи во сите сектори и во се!“, вели за Денар претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Од ССМ дополнително сметаат дека е неопходно баш во овој период во време на економска, здравствена, енергетска, нафтена криза и војната во Украина, растот на цените во продавниците, маркетите , пазарите, да му се излезе во пресрет на работникот. Претседателот на ССМ Димовски според информациите на состанокот во владата укажал на потребата од заеднички пристап на сите чинители и тоа Владата, Министерствата, работодавачите, експертите и сите засегнати за изнаоѓање на предлог модел за усогласувањето – скалесто зголемување на платите на сите работниците согласно зголемувањето на минималната плата и истото да не предизвика сериозни импликации на нормалното работење на институциите, претпријатијата и работодавачите како и да се обезбеди сигурност и одржливост на работните места на работниците.

Од владата за Денар велат дека  нивниот став е дека сите плати треба да се усогласат со минималната плата. Нема поделба на јавен и приватен сектор. Законите се носат врз основа на параметри кои треба да овозможат праведност и правичност.

Минималната плата веќе е 18 илјади денари. Кога се носеше оваа сума во Социјално економскиот совет беше постигната согласност за промена на критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата. И тоа, според новите правила, платата треба да расте за 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Според информациите 15 200 денари колку што изнесуваше веќе старата минимална плата ја заработуваа 72 илјади работници. Она што мора да се напомене е тоа што Законот за минимална плата предвидува, по носење на нов зголемен минималец останатите плати да се зголемуваат во рок од шест месеци. Неколку пати досега сме сведоци на раст на минималната плата, но ниту еднаш овој закон не беше во целост испочитуван.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП