25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиромашните не можат сами да се борат со три кризи по ред!

Сиромашните не можат сами да се борат со три кризи по ред!

Најголеми последици од секоја криза имаат сиромашните граѓани. Оние кои што подолг период се на раб на егзистенцијата. Во последниве неколку години, токму тие домаќинства имаа најголеми предизвици. Со пандемијата дојде здравствено – економската криза, потоа таа се прелеа и во енергеткска криза која што се уште трае и дополнително се продлабочува. И додека државите прават планови како да се намалат последиците од овој тежок период за сите а посебно економиите, веќе се созадава нова криза и тоа воена. Пострашно и не можеше да биде. Наместо опоравување, светот е пред нов предизвик. И денеска да заврши воениот конфликт на истокот на Европа, штетите ќе бидат огромени и допрва ќе следат.

Од Македонската платформа за борба против сиромаштијата за Денар велат дека државата мора многу посериозно да се фати за работа и да подготви програми за помош на граѓаните кои живеат во социјален ризик. Билјана Дуковска од оваа невладина организација смета дека по двете пандемиски години и осиромашувањето кое тогаш ги зафати граѓаните, за жал, системот за социјална заштита не смогна сила финансиски да ги ревидира шемите за гарантирана минимална помош. Со тоа Дуковска вели дека надлежните не направија усогласување ниту со последните инфлаторни влијанија, ниту се направени усогласување со вредноста на минималната синдикалната кошничка, ниту пак ги придвижија примателите над прагот на сиромаштија.

„Како што се очекува конфликтот ќе резултира со зголемување на цените на производите и тука први на удар ќе бидат најсиромашните, примателите на гарантиран минимален приход и други права на парична помош кои произлегуваат од Законот за социјална заштита, но и сите оние семејства кои имаат потреба од финансиска поддршка, но не ги искористиле правата заради различни причини. Ако навистина сакаме да зборуваме за системска грижа за најранливите, по последново покачување на минималната плата легитимно е да се интервенира кај висината на правата на парична помош од социјалната заштита. Со оглед на итноста на ситуацијата најдобро е веднаш да се планира пакет за поддршка, кој  нема да биде еднократен, туку месечен“, вели Билјана Дуковска од Македонската платформа за борба против сиромаштијата.

Активистите напоменуваат дека историјата не учи дека во секој конфликт со себе носи зголемена сиромаштија, прекршување на правата и зголемување на нееднаквоста кај граѓаните. Затоа според нив е многу важно системите за социјална заштита да останат отворени и доволни пропустливи за да не биде изоставен некој кој ќе се најде во потреба од поддршка.

„Следни на удар ќе бидат семејствата кои и сега се во ризик од сиромаштија и кои и сега едвам обезбедуваат доволно пари за храна и енергија. Во оваа група се и граѓаните кои се соочуваат со здравствени проблеми или со последици од ковид. За нив е неопходно да се планираат специфични пакети за поддршка кои ќе бидат добро планирани и консултирани со засегнатите страни“, додава Дуковска.

И додека се чекаат новите турбуленции во светската економија, и домашните стопанственици се во неизвесност до која мера ќе биде силен ударот од воениот конфликт во Украина. Експертите сугерираат дека со оглед на тоа што загуби ќе трпат и бизнисите, многу е важно да се направи механизам кој треба да ги следи отпуштањата на работниците или прекршувањето на нивните права, односно треба да се внимава да не ни се случат нови сиромашни. Исто така не смее да изостане и поддршката за социјалната економија и граѓанските организации кои се најголема поддршка за граѓаните во ризик. Со здравствено економската криза која ја предизвика и енергетската криза, не само во Македонија туку и на глобално ниво со сигурност ја зголеми стапката на граѓани кои живеат во сиромаштија. Дополнително сега ќе следи нов бран на граѓани кои ќе мора да изнајдат решение, не само како да го поминат тековниот месец, туку како да ги прехранат семејствата во текот на денот.   

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП