19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦела година нема да кренеме глава од поскапување на храната!

Цела година нема да кренеме глава од поскапување на храната!

Цените на храната се на највисоко ниво во последните десет години на светско ниво. Во Македонија ваков брз раст на цените на прехранбените производи не се памети. За неколку месеци дел од производите се поскапени и за двојно. И покрај замрзнувањето на дел од основните прехранбени производи, граѓаните се соочуваат со значително намалување на куповната моќ. Очекувањата се дека растот на цените ќе продолжи и во цела 2022 година.

Не запираат негативните ефекти предизвикани од пандемијата. Прво се зголеми цената на лековите, па поскапи електричната енергија, за последниов период цените на храната секојдневно да руши рекорди. Трендовите кои се на глобално ниво покажуваат дека ваквите турбуленции во економиите прават огромни проблеми не само кај земјите во развој, туки и кај државите со значителна економска стабилност. Позитивно е тоа што полека но сигурно се опоравуваат економиите на САД и ЕУ.

Цените на нафтата на берзите сега зависи од развојот на настаните помеѓу Русија и Украина. За една година цената на горивата е зголемена за речиси 100 отсто, по што сите веќе чекаат стабилизација на состојбата.

Цените пак на храната за една година на светско ниво се зголемени за 25 отсто, житариците за 40 отсто, а речиси на тоа ниво се и цените на млекото и шеќерот. Од ФАО предупредуваат дека повисоките цени ги ставаат во посебен ризик сиромашните граѓани, но и државите кои се зависни од увоз на прехранбени производи.

Официјалните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека  во Македонија во првиот месец од годинава во споредба со јануари лани цените на мало се зголемени за над 7 отсто. Најмногу се поскапени земјоделските производи, и тоа за речиси 12 отсто. Индустриските производи, прехранбените производи и неиндустриските производи како и тутунот бележат речиси идентичен раст на цените на мало и тоа за нешто над 8 отсто на годишно ниво. Она што може да се забележи во извештајот на статистичарите е дека нови повисоки цени, а со тоа и зголемување на трошоците за живот во периодот јануари 2022 година – декември 2021 година има кај кафето, чајот, какаото за речиси 5 отсто, рибата и морските плодови за 3,5 отсто, пивото е поскапено за речиси 3 отсто. Зголемени трошоци граѓаните имаат и при набавка на овошје и зеленчук, за вино, жесток алкохол, но и за минерална вода и газирани сокови.  Потоа на листата кои ја намалија куповната моќ на граѓаните се и медот, џемот, чоколадите и останатите кондиторски производи, како и основните прехранбени производи лебот, и житарките.

Дополнителен удар врз стандардот на граѓаните во јануари годинава се случи и раст на цената на парното греење. На крајот на ланската година Регулаторната комисија за енергетика реши за речиси 15 отсто да ја зголеми цената на топлинската енергија, а пак цената за струјата на домаќинствата за 9,4 отсто.

Своја пресметка за трошоците на граѓаните прави и Сојузот на синдикати на Македониа. За една година, пресметката на синдикалците вели дека за една година основните потреби на едно четири члено семејство се зголемени за точно илјада денари на месечно ниво. Најголем дел од семејниот буџет е резервиран токму за набавка на храна или во апсолутни бројки потребни се 15 900 денари за купување на основните прехранбени производи. За сметки за домување потребни се 11 илјади денари. Останатите пари со кои се заокружува минималната синдикална кошника се за набавка на лекови, дел за превоз, обновување на некое парче облека и за посета на културни манифестации. Вредноста на минималната кошничка изнесува 35 илјади денари.

Властите во земјава најавија дека во периодот што следи ќе се интервенира во маржите на трговците. На стартот на следниот месец истекува мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП