2 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовата цена на струјата е купување мир на граѓаните!

Новата цена на струјата е купување мир на граѓаните!

Нова година започнува со нови сериозни удари по џебот на граѓаните. „Новогодишните честитки“ за струја и парно граѓаните ќе ги добијат на почетокот на февруари и реално ќе видат за колку им се зголемени трошоците за домување.

На хартија за електрична енергија сметките ќе бидат повисоко за без малку 9.5 отсто, но кога ќе го пресметаме и укинувањето на дневната евтина тарифа тогаш трошокот ќе достигне и до 15 отсто со оглед на фактот што користењето на евтината тарифа ја намалуваше сметката за пет отсто. Јавноста реагира, социјалните мрежи вријат од незадоволство по новото намалување на стандардот на граѓаните. Експертите сметаат дека зголемувањето на цената на струјата до 10 отсто не е реална и сега последици се можни по компаниите од енергетскиот сектор. Опозицијата бара одговорност од властите, а пак Владата се фали дека нејзината заложба во делот на енергетиката придонела за избегнување на сериозен ценовен шок.

Еден од најискусните експерти од областа на енергетиката Константин Димитров, смета дека надлежните одлучиле цената на струјата да ја зголемат минимално само за да не предизвикаат огромно незадоволство и револт кај народот. Позади оваа одлука се крие политика, вели за Денар Димитров и додава дека на овој начин во прашање е доведено и нормалното функционирање на енергетските компании од земјава.

„Јас велам уште од пред неколку години, цената на Електростопанство на Македонија од 36 евра за мегават час е политичка цена, а не економски одржлива. Имаме политичка цена која што како прво го осиромашува ЕСМ. Од успешна компанија пред четири години, сега е  загубар со над, ми се чини 20 милиони евра. Плус прогласена е кризна состојба поради нив, за да може државата да им прелива финансиски средства за да го задржи незадоволството на народот на ограничено, контролирано ниво. Да се зголеми цената на под 10 отсто е политичка мерка, воопшто не е економска. Далеку е од логиката за која не мора интеграли и посебни математики, на прсти може да се пресмета. Ако купувате нешто за 350 евра, а својата цена ја зголемуваш само за 10 отсто од 36 на 41евро. Нема логика, се гледа дека тоа е единствено купување на мир. Да не се возбуди народот, да не експлодира. Ако гледаме економски, цената треба да се зголеми најмалку двојно или тројно“, вели Константин Димитров претседател на Центар за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ)

Од Регулаторната комисија за енергетика тврдат дека направиле се за да спречат нов сериозен ценовен шок за граѓаните. Според претседателот на РКЕ Марко Бислимовски реалното зголемување ќе било многу поголемо, но тој вели дека успеале да скратат многу трошоци и со останати мерки да овозможат во следните шест месеци цената да не биде енермно висока. Што се однесува до ликвидноста на компаниите од енергетскиот сектор во Македонија, регулаторот додава дека Владата преземала обврска да им помогне на државните компании во наредниот период.

„Она што успеавме да го направиме е следното: 25 милиони евра за обновливи извори се тргнати како трошок во оваа одлука за цената на електричната енергија. Произведената електрична енергија од обновливите извори ќе ја откупуваат снабдувачите со електрична енергија по цена од околу 105 евра за мегават час, со што даваме сигнал и кај останатите потрошувачи во државата кои купуваат електрична енергија на слободниот пазар дека им е обезбедена одредена количина по далеку пониска цена од колу што е таа во моментов на берзите. Предвидувањата се дека во јануари цената на берзите ќе биде 280 евра за мегават час. Профитот кај МЕПСО и кај Електродистрибуција е намален за 90 проценти. Тоа се некаде 20 милиони евра, кои се тргнати за да не бидат на товар на граѓаните. Исто така, инсистиравме ЕСМ да обезбеди 100 отсто од потребите на домаќинствата.“ изјави Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ се на став дека лошото менаџирање со кризата од страна на власта доведе граѓаните да се прашуваат дали во периодот што следи ќе имаат доволно струја за користење.

„Да потсетиме дека од август 2020 година до денес цената на струјата кумулативно порасна за околу 40%. За една и пол година! Најпрво летото 2020 година струјата поскапи 7,5%, потоа летото 2021-ва уште нови 12,5%, за сега над 15%. Поскапување на поскапување и дојдовме до околу 40%. Да биде уште потрагично и покрај сите овие поскапувања МЕПСО и ЕЛЕМ се претворија во загубари. ЕЛЕМ има рекордно најниско ниво на произведена домашна струја, нема доволно јаглен и акумулациите се празни, а МЕПСО нелегално влече струја од европската мрежа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Власта пак категорично ги отфрла обвинувањата на опозицијата и додава дека со брза и навремена реакција на Владата предводена од СДСМ, спречен е ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата. Додаваат дека мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, придонело цената на струјата да биде покачена за само 9,48% што е далеку под првичните прогнози од над 25%.

„Дека цената на електричната енергија е глобален проблем потврдуваат и покачувањата на цената на струјата во многу држави, а најизразено е во Турција каде електричната енергија за домаќинствата поскапи за 50 отсто, додека за компаниите и за над 100 отсто. За граѓаните од ранливата категорија, обезбедени се и 60 милиони денари со Програмата за заштита на потрошувачите на електрична енергија. Со оваа мерка ќе се опфатат околу 7.500 домаќинства со ниски примања во времетраење од 12 месеци, кои ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството“, велат од СДСМ.

Следната корекција на цената на електричната енергија се очекува да биде најдоцна за шест месеци. Но доколку порано се случат нови тектонски движења во областа на енергетиката не се исклучува можноста за вонредни пресметки кои повторно ќе влијаат на крајната цена за домаќинствата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП