26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМалите и средни компании се гушат во екстра трошоци!

Малите и средни компании се гушат во екстра трошоци!

Центарот за економски анализи спроведе истражување  за сметководствените трошоци на компаниите за даночното усогласување. Наодите од истражувањето покажуваат дека фирмите, а осбено малите и средни компании се оптоварени со трошоци во процесот со усогласувањето на даночната регулатива. Анализата е спроведена од информации добиени од 83 мали и средни компании, а земени се нивните податоци за вредноста на трошоците, процентот од приходите, профитот, бруто додадената вредност, како и вкупните платени даноци.

Податоците кои произлегуваат од истражувањето на Центрот за економски анализи се фрапантни и велат дека за  секој  еден милион денари платени даноци, фирмите имаат дополнителни трошоци од 62.500 денари. Овие плус пари кои се одлеваат од компаниите од земјава се по основ на даночно усогласување, односно пресметка на даноците, известување  и услуги кои следат по известувањето, како ревизии, инспекции, комуникација со Управата  за јавни приходи и слично. Од анализата произлегува дека во поглед на сметководствени трошоци за даночно усогласување во апсолутна вредност, товарот на трошоци е пропорционален со големината на субјектите, со тоа што помалите субјекти имаат пониски трошоци од поголемите субјекти.

„Преку поврзување на односот на трошоците за даночно усогласување со различни детерминанти, откриваме дека микро компаниите се значително повеќе оптоварени со трошоци за даночно усогласување во однос на нивните  финансиските резултати. Треба да се забележи дека овие субјекти претставуваат 90% од  вкупниот  број  на бизнис субјекти во Северна Македонија, и вработуваат повеќе од ¼ од вкупниот број на вработени во Северна Македонија. Трошоците за даночно  усогласување  за  микро  компаниите се највисоки во однос на даноците кои тие ги плаќаат. Од податоците од  сметководителите, причината за ова е поради тоа што микро компаниите имаат најниски реални даночни стапки, но времето потребно за подготовка, известување и последователно  следење на даноците за нив е релативно високо“, стои во истражувањето на ЦЕА

Со вакви зголемени трошоци се соочуваат дури и микро компаниите кои се изземени од некои  видови на оданочување, како што се данок на додадена вредност или данокот на добивка. Во поглед на распоредот по сектори, трговските компании се оние кои имаат највисоки сметководствени трошоци за даночно усогласување во однос на финансиски  резултати, приходи, бруто додадена вредност и добивка. Една од главните причини за ова е тоа што за трговските компании е потребно најголем број на работни часови потрошени за даночна усогласеност за цели на известување и особено за дополнителни контроли по известување за даноци, а тие најчесто се проверувани од страна на Управата за јавни приходи. Со слични проблеми се соочуваат и компаниите од градежниот сектор, но во однос на компаниите од дејноста трговија, градежните имаат во просек повисоки приходи и профити.

Истражувањето покажува и дека непрофитните организации имаат многу висок сооднос, или трошок по овој основ. Овие организации кои немаат обврска да плаќаат одредени даноци плаќаат понизок и модифициран данок на “добивка”,  не се обврзници на данок на додадена  вредност, а поголемиот дел од вкупно платени даноци доаѓаат од даноци за плати и надоместоци на плати.

„Непрофитните организации имаат регулатива за даночно известување слична на онаа кај профитните организации, па трошокот за даночно усогласување е повисок. Дополнително, регулативата за непрофитни  организации ја категоризира оваа специфична  група на “ризични” субјекти, што  изискува посебни известувања и води кон повисоки трошоци за даночно усогласување“, се наведува во истражувањето на ЦЕА.

Официјалните податоци велат дека вкупните сметководствени трошоци за даночно усогласување се проценети на околу 2,7 милијарди денари или нешто повеќе од 40 милиони евра годишно, односно речиси 0,4% од БДП или 1,4% од вкупните буџетски приходи. За сето ова физички да се сработи, односно вкупните работни денови потребни за даночно усогласување за една  година, од ЦЕА пресметале дека се потребни 55 работни дена. А за работата да се заврши како што треба потребни се 2481 лица. Тоа претставува половина од бројот на вработени административци во локалните самоуправи.

Експертите сугерираат дека потребни се реформи кои значајно ќе ги намалат или отстранат даночните ослободувања. Тоа ќе резултира врз намалување на даночните стапки. Заклучуваат дека поедноставена даночна регулатива може да креира поправична, високо‐перформирачка  економија, со повеќе приходи, додека економските и сметководствените трошоци за даночно усогласување значително би се намалиле.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП