20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните со ниски примања одат по „тенок мраз“ – само годинава кризата...

Граѓаните со ниски примања одат по „тенок мраз“ – само годинава кризата осиромаши нови 14 илјади домаќинства!

Негативните ефекти од здравствено-економската криза никако да сопрат. Огромни проблеми во последниве две години имаат ранливите категории на граѓани. Вработени со ниски примања, семејства со една минимална плата или пак лица кои зависат од државната финансиската поддршка. Податоците велат дека бројот на приматели на социјална помош сериозно се зголемува. Активистите за социјална правда очекуваат државата да преземе соодветни мерки. Од ресорното министерство сметаат дека преку намалување на невработеноста ќе се зголеми стандардот на граѓаните.

Губењето на работните места кај нископлатените категории на труд предизвика зголемување на бројот на граѓани кои имаат потреба од финансиска помош од државата. Ударот стана драстично поголем со порастот на цените, особено кај оние основни потреби за живот. Активистите сметаат дека државата не смее да си дозволи да настанат проблеми при исплатата на социјалната помош, бидејќи во прашање ќе бидат судбините на голем број граѓани на земјава. Информациите кои за Денар ги даде Здравко Савески, борец за социјална правда, покажуваат дека бројот на приматели на социјална парична помош или на минимална гарантирана помош е зголемена од 76 илјади во 2019 на 102 илјади во 2020 година. Ова зголемување за дури една третина според него претставува прво значително зголемување на бројот на приматели на социјална парична помош во последните 20 години. Во последните 20 години има тренд на намалување на бројот на приматели на социјална парична помош, но во последниве две години се забележуваат економски нарушувања најмногу предизвикани од пандемијата.

„Сегашниот број на приматели на социјална парична помош од 102 илјади е драстично помал од бројката од речиси 300 илјади приматели пред 20 години. А ако се јават потешкотии, поради огромната задолженост, тогаш треба да го зголеми екстремно ниското оданочување на капиталистите и богатите, а не да ја „санира“ дупката преку кратење на правата на најзагрозените членови на општеството. Исто така, треба да се има предвид дека во следниот период притисокот врз животниот стандард на обичниот народ веројатно ќе се зголеми, поради енергетската криза, климатската криза, кризата со синџирите на снабдување и кризата со ковид 19, поради што е исклучително важно да се работи на стратегија за намалување на негативните ефекти од овие кризи наместо да се води и понатаму петпарачката политика во контекст на претпоставката дека релативната стабилност на економски план во последните пет-шест години ќе трае вечно“, вели Здравко Савески.

Дека ситуацијата е неповолна за граѓаните кои со години живеат на работ на егзистенцијата потврда даваат и од ресорното министерство за труд и социјала. Нивните податоци велат дека нови 14 илјади домаќинства осиромашиле и на нив им е потребна помош од институциите поради неможноста да го прехранат семејството и да си ги платат сметките за домување. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во касата имаат пари за да ги покријат потребите на примателите на социјалната помош. Податоците на министерството се дека лани имало 35 илјади семејства кои користеле социјална помош, годинава евидентирале нови 8500 домаќинства, а според очекувањата на листата ќе бидат додадени уште 5500 нови фамилии на кои им е потребна итна помош.

„Една од генералните политики на МТСП е намалување на стапката на невработеност, која се реализира и преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. За оваа намена годинава министерството ќе трансферира, 400.000.000 денари на Агенција за вработување на Република Северна Македонија. Целта е активно вклучување на пазарот на трудот на долгорочно невработени лица, ранливите групи, Ромите, жените и младите невработени лица, невработени лица на кои им престанал работниот однос поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Продолжува и мерката за субвенционирање на придонеси за зголемување на плати во износ од 2,5 милијарди денари. На овој начин околу 120.000 работници вработени во приватниот сектор ќе добиваат повисока плата“, велат од МТСП.

Официјалните податоци се дека минималната загарантирана социјална помош изнесува 4.000 денари по член. Доколку станува збор за три или четири члено семејство сумата може да достигне околу 200 евра. Во ова тешко време повеќе од 100 илјади граѓани заработуваат минимална плата која изнесува нешто над 15 илјади денари. А за достоинствено да се помине месецот со основните животни потреби на едно семејство му се потребни најмалку 35 илјади денари. Надлежните велат дека со буџетот за идната година се обезбедени средства за намалување на невработеноста која во моментов е на ниво од 15,9 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП