24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМожат ли криптовалутите да предизвикаат нова светска финансиска криза?

Можат ли криптовалутите да предизвикаат нова светска финансиска криза?

Криптовалутите можат да предизвикаат глобална финансиска криза слична на онаа од 2008-ма година.

Ова го предупреди заменик гувернерот на „Bank of England“, Џон Канлиф, цитиран од „CNBC“.

Според Канелиф, растот на пазарот за крипто-валути, од 16 милијарди долари пред пет години до 2,3 трилиони долари сега, е сличен на ризичните хипотекарни обврзници и деривати пред глобалната финансиска криза. Непосредно пред падот, вредеше 1,2 трилиони долари.

„Кога еден сегмент од финансискиот систем расте премногу брзо и во нерегулирана средина, соодветно е институциите да обрнат внимание и да преземат акција доколку е потребно“, рече заменик гувернерот на „Bank of England“.

Сепак, тој смета дека регулаторите треба да внимаваат да не брзаат да ги класифицираат новите средства како „опасни“ само затоа што се различни. Тој, исто така, потсети дека криптотехнологиите имаат потенцијал да доведат до „радикални подобрувања“ во финансиските услуги.

Според него, ризиците за финансиската стабилност засега остануваат ограничени, но проблемот со криптовалутите е што тие немаат внатрешна вредност и се ранливи на остри прилагодувања на нивото на цените.

Двете најтргувани крипто-валути, биткоин и етер, забележаа пад за повеќе од 30% на почетокот на оваа година, по што тие скоро целосно закрепнаа од загубите. Од нивното основање, тие се карактеризираат со голема нестабилност.

Надворешните фактори, исто така, имаат големо влијание врз цената на крипто-валутите, од коментарите на основачот на „Tesla“, Илон Маск на „Twitter“, до прописите што ги наметна кинеската влада.

„Светот на криптовалутите постепено почнува да се поврзува со традиционалниот финансиски систем, и во тој процес гледаме појава на играчи кои користат сериозен позајмен капитал, или таканаречена потпора. Сето ова се случува во област каде што регулативите се речиси непостоечки“, вели Канлиф.

Неговите забелешки доаѓаат неколку месеци откако извршниот директор на „BoE“, Ендрју Бејли, предупреди дека инвеститорите во криптовалути мора да бидат подготвени да ги загубат своите пари, бидејќи нивните средства немаат сопствена вредност.

Слично предупредување издаде британскиот регулатор за финансиски пазари.

Според Џон Канлиф, ризиците за финансиската стабилност нагло ќе се зголемат доколку пазарот на криптовалути продолжи да расте со иста стапка. Сепак, нивните ефекти ќе бидат утврдени со постапките на владите и регулаторите.

Во последните пет години, регистрирани се вкупно 30 случаи во кои цената на биткоинот падна за повеќе од 10% дневно. Најдрастично од нив е по распадот на криптографската платформа „BitMEX“, кога биткоинот загуби 50% од својата вредност за само два дена.

„Прашањето е какви би можеле да бидат последиците од таквите случаи доколку пазарот продолжи да расте и ако тој е уште потесно поврзан со конвенционалните финансиски системи. Комплексноста на инвестициските стратегии исто така мора да се земе предвид“, рече заменик гувернерот на „Bank of England“.

Тој верува дека одговорот зависи од тоа колку поединечните играчи се поврзани во системот и кое е нивото на нивната задолженост. Примерот од 2008-ма година покажува дека во случај на ризични хипотекарни обврзници, двата услови за „глобализација“ на кризата беа исполнети.

Канлиф е категоричен дека е до државните институции дали овој пат ризиците ќе се управуваат навреме.

„Технологијата и иновацијата беа главните двигатели за напредок во финансиската индустрија во текот на нејзината историја. Криптотехнологијата нуди единствени можности. Но, тие мора да исполнуваат одреден стандард“, рече заменик гувернерот на „Bank of England“.

Според него, иако крипто-пазарот работи врз основа на нови механизми и технологии, постојат добро воспоставени стандарди и регулаторни принципи кои можат да се применат за да се избегнат катастрофални сценарија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП