24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкспертите предупредуваат: Нарушувањата во синџирот на снабдување се појавуваат на секој агол

Експертите предупредуваат: Нарушувањата во синџирот на снабдување се појавуваат на секој агол

Недостатокот на чипови, епскиот метеж на бродските пристаништа и сериозниот недостаток на возачи на камиони предизвикаа огромни проблеми на инаку нежните светски синџири на снабдување.

Поради проблемите со снабдувањето, веќе има скок на цените на суровините и забавување на глобалното економско закрепнување, но „Moody’s Analytics“ предупредува дека проблемите „ќе бидат уште поголеми пред да се подобри“.

„Додека глобалното економско закрепнување продолжува да расте, станува сѐ поочигледно дека нарушувањата во синџирот на снабдување, кои сега се појавуваат на секој агол, ќе го спречат“, се вели во извештајот на „Moody’s“.

И навистина, според „СNN“, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во вторникот ја намали прогнозата за раст на САД за 2021-ва година за еден процентен поен, најмногу за која било економија на групата Г7. ММФ како причина ги наведе прекините во синџирот на снабдување и послабата потрошувачка, делумно предизвикани од тесните грла во синџирот на снабдување, како што е недостатокот на нови автомобили поради недостаток на чипови.

„Граничните контроли и ограничувањата за движење, недостапноста на глобален сертификат за ковидвирусот и заостаната побарувачка бидејќи потрошувачите беа дома поради пандемијата, се споија во совршено невреме што ќе го отежни глобалното производство, бидејќи испораките не се вршат навреме, трошоците и цените ќе растат и затоа растот на светскиот БДП нема да биде толку силен“, пишува „Moody’s“ во својот извештај.

Агенцијата наведува дека „најслабата алка“ може да биде недостатокот на возачи на камиони – проблем што придонесе за застојот во пристаништата и доведе до фактот дека бензинските пумпи во Велика Британија останаа без гориво.

За жал, „Moody’s“ предупредува дека ни претстојат уште полоши времиња бидејќи неколку фактори го прават надминување на оваа криза како особен предизвик.

Прво, аналитичката куќа ги посочува различните начини што државите ги користат за борба против пандемијата со коронавирусот. На пример, Кина не сака да има ниту еден случај на корона, додека САД се „поподготвени да живеат со Ковид -19 како ендемична болест“.

„Ова претставува сериозен предизвик во усогласување на правилата и прописите според кои транспортните работници се движат од пристаниште во пристаниште во светот“, пишува „Moody’s“.

Второ, се споменува недостатокот на „координирани глобални напори за да се обезбеди непречено функционирање на глобалната логистичка и транспортна мрежа“.

Други се многу пооптимистични за изгледот на синџирот на снабдување.

Извршниот директор на „JPMorgan Chase“, Џејми Дејмон, верува дека овие проблеми со снабдувањето брзо ќе исчезнат.

„Тоа воопшто нема да биде проблем следната година“, рече тој на конференцијата организирана од Институтот за меѓународни финансии, пренесува „CNBC“.

„Ова е најлошиот дел од сето тоа. Мислам дека одличните пазарни системи ќе се прилагодат, како што направија компаниите“, вели Дејмон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП