20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата крои планови како да привлече домашни фирми да инвестираат во...

Државата крои планови како да привлече домашни фирми да инвестираат во економските зони!

Државата со нов план за привлекување на домашни фирми да инвестираат во индустриските зони низ Македонија. Не само преку финансиска помош туку и со можност да се купуваат плацеви во самите зони, се со цел зголемување на деловната активност и подобрување на бизнис климата во земјава. Од ТИРЗ велат дека наскоро оваа поволност за компаниите од приватниот сектор ќе биде јавно прикажана. Во планот се вметнати барања на стопанствениците, кај кои веќе постои голем интерес да инвестираат во економските зони. Дополнително, државата во периодот што следи ќе работи  со засилено темпо на рамномерен регионален развој.

Владата бара начин како да ги привлече домашните компании да инвестираат во индустриските зони во земјава. Преку законски решенија власта веќе им обезбеди исти услови за работа и за субвенционирање како и на странските инвеститори. Јован Деспотовски директор на ТИРЗ вели дека од аспект на државна помош не се предвидуваат одредени измени, но одредени елементи како пристапот до земјиштето, пристапот до инфраструктурата, олеснети процедури за градење во рамките на зоните и поддршката за обезбедувањето на потребните услуги од останати државни иннституции е нешто што веќе е на располагање на домашните компании.

„До 2017-та година фокусот беше исклучиво на странски инвестиции, но потоа со Законот за финансиска поддршка на инвесициите тоа е овозможено и сега тоа што го правиме како дополнителен чекор е од аспект на финансиска поддршка можеме веќе да зборуваме за нецелосно воедначено но направен е сериозен чекор во овој правец. Вториот сегмент што е важен а тоа е добрата деловна клима која што компаниите во зоните ја уживаат што се на некој начин под чадот на дирекцијата и се обидуваме да ја пресликаме и за сите останати. Имаме уште еден момент во целиот концепт, како сите оние услуги што ги обезбедуваме на странските компании во зоните да ги обезбедиме и на нашите компании“, вели за Денар Јован Деспотовски директор на ТИРЗ.

Во индустриските зони, сега се развива модел кој ќе биде претставен пред домашните инвеститори, додава Деспотовски. Вели дека опцијата за продажба на земјиштето стои, тоа значи дека сега се размислува и се работи на ова барање на самите стопански комори. Но, тоа би било овозможено по исполнување на одредени параметри како што се на пример големина на земјиште. Или пак на одредената инвестиција да може во самиот опфат во индустриската зона да влезе и земјиште што е во сопственост на домашна компанија. Според регулативата во бесцаринските зони или во Технолошко индустриските развојни зони земјиштето е, и останува на државата и по изградбата на објект на парцелата, и надлежните сметаат дека тоа правило треба така и да остане. Објектот е на компаниите и тој треба да го користи во зависнот од договорот, но во случај да пропадне или поради икс причини компанијата го затвори бизнисот тогаш има опција да го продаде на друга фирма која ќе треба да се занимава со производство за која е наменета таа зона, но не на било кој и не на било која индустрија.

„Ако веќе имааме одреден инвеститор кој што е доволно голем, во смисла да има барем еден хектар земја и да планира инвестиција на пример од пет милиони евра, се уште се разговара за висината на инвестицијата, значи може во рамките на зоната, онаму каде е индустриска да може да влезе и парцела која што е сопственост на таков инвеститор. И има интерес за такво нешто. Во тој случај веќе парцели кои што се приватни би влегле во опфатот и ќе може да ги користат истите услуги и бенефити кои што ќе ги нудиме за останатите. А за сите останати ќе постои можност при влез да си откупат парцела и да може да си ја реализира инвестицијата во целост. Со што јас не би одел со пристапот кој што го имаме сега, дел од индустриските зони кои се под надлежност на општините, без да ги напаѓам општините туку има ситуација кога земјиштето се купува и стои неизградено, и инвеститорите или купувачите се одлучуваат да чекаат да и порасне цената на парцелата или да дојде некој друг и на него да му го продадат.“  

А во однос на рамномерниот регионален развој од ТИЗР велат дека со посебна агенда и план ќе се обидат идните инвестиции да ги насочат кон зоните во внатрешноста на Македонија. Според најавите, оние инвеститори кои ќе  изградат фабрика во некоја од скопските индустриски зони ќе добијат помалку државна помош, од оние кои ќе инвестираат во зоните сместени во останатите градови низ Македонија. Ова ќе биде почеток на нов начин на субвенционирање на компаниите кои ќе имаат намера да отпочнат бизнис во земјава.

„Компаниите кои ќе решат да инвестираат во зоните во главниот град ќе имаат една предност помалку од сите останати, што значи дека нема да бидат повеќе повластени како досега. Тоа значи дека разликата помеѓу пазарната цена која што треба да ја платат за наем на земјиштето и повластената цена која државцата им ја нуди ќе им се пресметува во пакетот за државна помош.“

Според податоците, вредноста на парцелите се мери по тоа колкав е проходот на компаниите во индустриска зона. Па така,зоните во Скопје се десетина пати поскапи во однос на другите индустриски зони. Странските инвеститори досега според надлежните се одлучувале да инвестираат во зоните во главниот град поради близината на автопатот кој оди кон солунското пристаниште скопскиот аеродром, како и близината на владините институции. Во последниве десетина години според пресметките државата во зоните вложила над 50 милиони евра. Во моментов една третина од парцелите во индустриските зони низ земјава се искористени, другите две третини се празни. Владата сега уверува дека е во преговори со над 30 странски инвеститори, дел се присутни во држава, а дел планираат да вложат во Македонија. Според информациите станува збор за потенцијални инвестиции од над 400 милиони евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП