28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија засега на стаклени нозе!

Македонската економија засега на стаклени нозе!

Бруто домашниот производ повторно во негатива, овој пат во првото тромесечие од годинава падот изнесува 1,9 отсто. Податоците на државниот завод за статистика покажуваат дека од јануари до крајот на март раст е забележан кај градежништвото, трговијата на недвижности, земјоделството. Ова негативно влијание во економијата според експертите од Finance Think е резултат на третиот бран од корона вирусот во кој беа воведени рестрективни мерки. На адреса на власта пристигнаа обвинувања за минусното салдо на македонската економија од страна на опозицијата.

Официјалните бројки на Државниот завод за статистика покажува дека Бруто домашниот производ во првиот квартал годинава е во негатива од 1,9 отсто. Најголемо учество според статистичарите има кај финалната потрошувачка на домаќинствата која учествува во структурана на БДП со 65,5 отсто. Во овој сегмент е забелеажн раст за 1,8 отсто во првите три месеци од годинава. По сектори забележан е пораст во градежништвото од 1,7 отсто, а во секторот земјоделство, шумарство и рибарство од 0,3 отсто. Во анализираниот период е констатирано дека извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 18,3 отсто, а пак увозот на стоки и услуги забележа зголемување во номинален износ од 11,2%. Информаците од извештајот на статистика покажуваат дека бруто-инвестициите во првото тримесечје од 2021 година бележат опаѓање во делот на промената на залихите.

Finance think во својот најнов извештај за макроекономските податоци оценува дека причина за минусното салдо на растот на бруто домашниот производ е последниот бран на пандемијата која удри врз целокупната економија во земјава. Податоците на експертите од Институтот за економски анализи покажуваат дека инвестициите, забележале остар пад од 16,6 отсто што претставувало рефлекција на воздржаноста од преземање на позначајни потфати. Но надворешната трговија според институтот покажала знаци на подобрување, односно раст на извозот од 8,6 отсто и на увозот од два отсто. На производната страна, најголем дел од дејностите се на исто или блиску до нивото од првиот квартал од 2020 година, освен преработувачката индустрија која бележи пад од 6,2 проценти.

„Во првиот квартал од 2021, БДП се намали за -1,9 проценти на годишна основа како резултат на третиот бран од пандемијата со Ковид-19, кој наметна продолжување на карантините дома и кај главните трговски партнери. Во вакви околности, исцрпувањето на ефектите од две клучни владини мерки – субвенција за задржување на работните места „14.500 МКД по работник“ и еднократната парична помош за ранливите групи граѓани – ја задржа приватната потрошувачка нешто над нивото од К1-2020 (раст од 0,4 проценти). Додека, јавната потрошувачка ја започна консолидацијата по големата експанзија во претходните три квартали (во К1-2020 намалување од 2,2 проценти)”, велат од Finance think .

Што се однесува до невработеноста, од Finance think велат дека постои благо намалување на 16 проценти, а вработеноста благо зголемување од 46,8 на 47,1 процент што според нив упатува на стабилизирање на пазарот на труд. Податоците со кои располаат од институтот покажува дека 9 500 работни места биле изгубени во секторите транспорт, хотелиерство и услуги со храна. Finance think оценува дека неизвесноста во економијата спласнува во вториот квартал од годинава со почетокот на процесот на масовна имунизација и постепеното намалување на рестриктивните мерки. Дополнително, сметаат дека ако економските текови се нормализираат до разумен степен до почетокот на есента, проекцијата за растот на БДП би била 4,1 процент.

Пред околу еден месец кога гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ги презентираше макроекономските проекции за оваа и следната година, напомена дека нема за брзо да се врати нормализација на економијата во земјава. И покрај тоа што Народната банка предвидува раст на економијата за годинава од 3,9 отсто, тоа нема да значи дека состојбата ќе биде како во 2019 година. Сепак, имунизацијата и побрзото опоравување од очекуваното на најсилните светски економии ги зголемија надежите на монетарците дека оваа криза сепак ќе биде со помали ефекти од онаа во 2008та година.

Не само пандемијата туку одговорност за лошите економски политики мора да имаат и властите кои се задолжени да работат на подобрување на економските текови на Македонија, сметаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите потсетуваат дека премиерот Зоран Заев на почетокот на своето владеење ветуваше 5 отсто раст на БДП. Но нивните пресметки се дека за четири години економијата пораснала само 0.7%, а тоа било резултат на промашен даночен систем што дополнително ја зголеми и сиромаштијата. Опозиционерите наведоа дел од проектите кои ги вети власта се со цел развој на економијата.

„По четири години никаде го нема најавениот клинички центар. Од готов проект оставен од ВМРО-ДПМНЕ кој требаше да ги чини граѓаните 120 милиони евра, сакаат со 30 страници студија да прават клинички за кој бараат половина милијарда евра. Ист таков клинички центар се гради во Белград , со исти перформанси и чини 125 милиони евра. За време на КОВИД кризата власта не одвои ни секунда за да им помогне на уметниците и културните работници. Земјоделците не се воопшто на агендата на СДСМ. Откако ги осиромашија земјоделците, тргнаа да ја продаваат земјата. Образованието е девастирано. Се укинуваат учебниците, а се нуди некаков проект кој само треба да извлече над 120 милиони евра пари од буџетот. Заев 4 години не направи ништо и за пензионерите, тие останаа без своите покачување. Македонија стагнира и инфраструктурно. Додека во регионот има ултра модерни возови, со СДСМ на власт македонските возови секој ден се палат и ги продаваат Македонски железници. Четири години нема никаков напредок на пругата Куманово – Бугарска граница”, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Годинава владата очекува економијата да порасне за 4,1 отсто од БДП. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд за раст на глобалната економија изнесуваат 6% во 2021 година и 4,4% во 2022 година. Економскиот раст во еврозоната е проектиран на 4,4% за 2021 година, што претставува блага нагорна ревизија. За 2022 година, економскиот раст е проектиран на 3,8%.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП