29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОколу 90 милиони евра лани завршиле во касите на приватните болници и...

Околу 90 милиони евра лани завршиле во касите на приватните болници и лаборатории – профитите им се искачиле до плафон

Македонските граѓани лани оставиле околу 90 милиони евра во касите на дел од приватните болници и лаборатории за болнички кревети и тестови кои не можеле да ги добијат во државното здравство – покажуваат завршните сметки за лани на приватното здравство. Околу 77 завршиле во приватните клиники, а 10 милиони евра за ковид и други тестови во приватните лабаратори. Податоците покажуваат дека дел од приватните болници ја дуплираа добивката лани во однос на 2019 година, а некои од лабараториите прикажаа неверојатен раст на профитите – од над 7.600 проценти.

Така Аџибадем Систина лани заработила 5,9 милиони евра, или за 89 % повеќе од претходната 2019-та година. Клиниката Жан Митрев лани имала раст на профитот од 100 проценти и заработила 8,1 милиони евра. Ре – Медика има профит од 1 милин евра, но таа не беше ковид- болница туку згрижуваше пациенти со неопходни интервенции, бидејќи државните клиники беа ковид центри. Најгоплем приход пак лани има Аџибадем Систина – 41,3 милиони евра, па Жан Митрев со 27,7 милиони евра, а Ре-медика прикажала приход од 8,2 милиони евра.

Пандемијата  ги дигна до плафон и профитите и на лабораториите. Лани „Авицена“ заработила речиси  1,6 милиони евра исто колку и „Биотек“. Додека пак „Синлаб“ има профит од 433.000 евра. Но она што е најинтересно кај нив е растот на добивката лани во однос на 2019 година. Кај Биотек е неверојатни 7.622 %, Кај Авицена 803%, а кај Синлаб 359%. Кога станува збор за приходот кој го свртеле лани- граѓаните во Авицена оставиле 4,6 милиони евра, во Биотек 2,8 милиони евра и во Синлаб 2,5 милиони евра. А колку ќе се зголемии добивката во приватниото здравство годинава, бидејжи најкритичен беше последниот бран во февруари-март годинава- ќе покажат резулаттите од завршните сметки кои треба да ги објават до година.

За експертите, тоа е класично воено профитерство. Граѓанските организации уште лани побараа од Владата да ги стави под контрола цениите во приватните клиники, но тоа не се случи. Реагираа дека додека граѓаните умираа, приватните болници им бараа енормни суми за да ги сместат.

За професорот Бранимир Јовановиќ пак тоа што приватните болници и лаборатории неколкукратно ги зголемиле добивките за време на пандемијата само покажува каква ни е состојбата во здравството и во државата. Вели – виновна за тоа е владата.

„Од една страна, имаме приватни болници и лаборатории, кои се профитни институции, чии газди се бизнисмени, и кои гледаат само како да си ја зголемат добивката. И од друга страна, ја имаме државата, односно владата, која ништо не прави, односно, ги пушта да прават што си сакаат. И во таквата состојба, јас не ги обвинувам болниците и лабораториите. Не ги ни правдам, ама јас од газдите на болниците не очекувам хуманост. Да им било до хуманост, не би отварале приватни болници. Болниците ги отвараат за да прават добивка, како и секој бизнисмен, и ова мора да му биде јасно на секој. Оној кој е виновен во оваа ситуација е владата, која ги пушта болниците да прават што сакаат. Иако лани постојано се зборуваше за тоа дека приватните болници и лаборатории профитираат од кризата, владата не презема ништо за да го спречи ова. Дури, да потсетам, на Систина ѝ даде и државна помош, од неколу стотина илјади евра. Најави еднаш дека ќе ги ограничи цените на болниците, но ништо од тоа не се случи“, изјави за „Денар“ професорот Бранимир Јовановиќ. 

Според Јовановиќ, државата мора да ги регулира цените на приватните болници и лабаратории. Загрижувачки за него е што земјава руши рекорди – од вкупните здравствени трошоци кои се прават во Македонија, приватно се плаќа за 42% Резултат што е меѓу највисоките во цела Европа, а просекот во ЕУ е  речиси три пати понизок- само 16%.

„Она што може сега да се направи е темелно да се регулираат сите цени на приватните болници и лаборатории. Значи, не само цените на услугите поврзани со КОВИД-19, туку сите цени. Ако можеме да ги регулираме цените на горивата, апсолутно можеме да ги регулираме и цените на приватните болници. Многу е важно да се нагласи и дека ова не е состојба која е поврзана само со КОВИД-19, туку е општа одлика на македонското здравство. Од вкупните здравствени трошоци кои се прават во Македонија, приватно се плаќа за 42%. Тоа е меѓу највисоките во цела Европа. Просекот во ЕУ е само 16%.“- изјави Јовановиќ.

Властите  секогаш тврдеа дека има слободни болнички кревети и термини за тестови и анализи. Никогаш не се обидоа да ги ограничат цените во приватното здравство за да ги заштитат граѓаните. Или по примерот на други држави  и приватните капацитети да ги стават на располагање на државното здравство, бидејќи цел период беше и вонредна состојба.  Единствено се договорија со приватните клиники, хотелот ИБИС да стане ковид центар, но тој никога не стана- никогаш не прими ниту еден пациент. Дури во екот на последниот бран, после една година од почетокот на пандемијата, преку законски измени одлучија да интервенираат во цените во приватните клиники. Но Законот се уште е заглавен во Собранието- а ковид бранот стивна.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП