24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиндикатите и експертите против поскапување на струјата

Синдикатите и експертите против поскапување на струјата

Зголемувањето на цената на електричната енергија во време на финансиска криза предизвикана од пандемија, кога голем број работници (неколку илјади) ги загубија своите работни места, само дополнително ќе ја влоши целата ситуација, велат дел од синдикатите. Посочуваат дека состојбата ќе биде особено алармантна за ранливите категории, и затоа порачуваат многу да се внимава пред да биде донесена каква било одлука.

-Користењето на електричната енергија, на водата, не претставува луксуз. Тоа е потреба на граѓаните и затоа државата, регулаторот, добро треба да размислат пред да носат какви било одлуки. Државата да посвети повеќе внимание на тоа како се трошат парите од јавните претпријатија. Ако се дозволи да има поскапување за струјата мислам дека револтот на граѓаните ќе биде голем, а тоа не ја исклучува можноста од протести, вели за Денар Маријан Ристевски од КСОМ.

Експертите сметаат, за да поскапи струјата треба да се имаат добри  аргументи.

– Еден од аргументите за покачување на ценета на струјата е вложувањето во зелената енергија. Ќе се градат сончеви централи, со капацитет од 350.000 киловати, но вложувањето во проектот пак ќе бидат пари од народот. Од сите тие пари кои се придвидени за ова, нека доделат на секоја фамилија што сака да вгради сончеви колектори по 2 илјади евра, мислам дека 4 илјади евра се потребни за да се вгради една таква индивидуална простројка. Ќе се произведе поголема количина енергија. Тоа се над 100.000 фамилии кои ќе добијат по 2.000 евра од тие пари, помалку ќе трошат енергија и ќе внесат дополнително во мрежата. И од еднаш имаме добивка, помагаме на 100.000 фамилии, произведуваме енергија и заштедуваме во транспортот на електрична енергија. Не се размислува како ќе постапиме кога ќе произведеме поголема количина или недоволна количина на електрична енергија. Како ќе се обезбеди потребната енергија, односно што ќе правиме со вишокот на произведената зелена енергија. Дали ќе може преносниот систем да ја прифати, вели Костантин Димитров од МАЦЕФ.

Од Владата, пак, пред извесно време посочија дека не очекуваат да има поскапување на струјата. А за предлогот од Регулаторната комисија за енергетика да се намали ДДВ за струја од 18 на 5 отсто посочија дека треба да се направат анализи и калкулации за да се види влијанието на мерката врз буџетот.

Според анализите на Регулаторна, ако се прифати мерката, приходите во буџетот би биле помали од  28 до 29 милиони евра.

Енергетските компании минатата недела ги доставија своите пресметки на трошоци и барања до РКЕ. Ако Регулаторна одлучи да ги прифати сите нивни барања трошокот за струја за сметка од 1.000 денари ќе се зголеми за 50 денари или зголемувањето ќе биде за најмногу 5 проценти.

МЕПСО бара зголемување на цената за преносот од 143 проценти, Електродистрибуција 0,95 отсто. Но сега се чека ЕСМ да даде цена за произведената струја на тендерот на ЕВН ХОУМ кој се очекува да биде објавен во втората половина од јуни. ЕСМ има најголем удел во формирањето на цената на електричната енергија.  

Со либерализацијата на пазарот нa струја на 62 проценти од крајната цена што ја плаќаат граѓаните Регулаторна нема влијание.

Нова корекција на цената ќе има дури во август. Лани струјата поскапе за 7, 4 проценти на барање на државните енергетски компании.

Инаку, во земјава сѐ уште најголем дел, речиси 80 отсто од струјата, се добива од термоцентралите, а остатокот од обновливи извори. Но, планот е постепено да се напушта производството од јаглен, а повеќе да се добива чиста енергија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП